Поранешниот лидер на ОВК, Хашим Тачи, е осуден на 17 месеци затвор за попречување на службено лице во вршењето на службената должност, повреда на тајноста на постапката и непочитување на судот.
Бидејќи Тачи, врз основа на налогот за апсење во овој предмет, веќе поминал во притвор подолго од тој период, се смета дека ја издржал казната според оваа пресуда.
Во истиот предмет, Башким Смакај и Фадиљ Фазљију се осудени на по 12 месеци затвор, Хајредин Кучи доби условна казна затвор од еден месец со рок на проверка од една година, додека Исни Киљај е ослободен.
Специјализираното обвинителство во Хаг во завршниот поднесок на 25 септември побара Тачи да биде осуден на шест години затвор, без во казната да му биде пресметано времето поминато во притвор.
Обвинителството побара и по три години затвор за Смакај, Киљај и Фазљију, а за Кучи девет месеци затвор.
Според обвинението, во периодот од 12 април до 2 ноември 2023 година, за време на одделни, непривилегирани посети во притворскиот објект, Тачи им давал на Смакај, Киљај, Фазљију и Кучи доверливи информации за сведоците на обвинителството во одделниот предмет што се води против него за воени злосторства.
Тачи е обвинет дека им наложил да влијаат врз сведоците на обвинителството, давајќи им детаљни инструкции како да го направат тоа.
Според обвинението, Тачи во три точки се товари за обид за попречување на службени лица во вршењето на службената должност преку учество во заедничко дејствување на група, во четири точки за повреда на тајноста на постапката и во уште четири точки за непочитување на судот.
Смакај, Фазљију и Киљај се обвинети за обид за попречување на службени лица во вршењето на службената должност и непочитување на судот, додека Кучи се товари за непочитување на судот.
Тачи на 16 септември беше осуден пред Специјализираните совети на 25 години затвор за воени злосторства извршени во текот на 1998 и 1999 година.


