Македонското секојдневие одамна наликува на лошо изрежирана драма каде што вистинските трагедии се случуваат во тишина, додека гласните иницијативи обично завршуваат заглавени во лавиринтите на бирократијата. Најновиот бран на институционален и јавен рефлекс се разбуди по грозоморната трагедија во Богданци. Овој трагичен настан уште еднаш ја оголи бруталната вистина: системот за заштита на жртвите од семејно насилство кај нас не само што потфрла, туку буквално не постои кога е најпотребен.
Во овој контекст, лидерката на ЛДП, Моника Зајкова, ја покрена петицијата за итно воведување на електронски алки за следење на насилниците. Идејата е јасна – технолошки механизам кој ќе ги алармира институциите ако сторителот се приближи до жртвата. Тоа што над 10.000 граѓани за кратко време ја потпишаа оваа иницијатива зборува за колективниот очај на јавноста која гребе за каков било појас за спасување. Но, Зајкова со право потсетува и на дебелите партиски глави во Собранието: нејзината партија двапати поднесуваше ваков предлог-закон и двапати беше одбиена од луѓе кои очигледно сметаат дека смртта на жените не е доволно итна тема.
А за што всушност зборуваме и какви решенија бараме, кога како држава немаме ниту посебна, чиста и прецизна евиденција за семејно насилство? Наместо сериозна институционална статистика, ние нон-стоп водиме јалови дебати за тоа дали некое убиство е „обично“ или е фемицид. Додека институциите се гушат во сопствената неспособност да ги дефинираат и евидентираат злосторствата, јавноста се преселува на Фејсбук. Таму, во дигиталната арена на моралната беда, сите преку ноќ стануваат експерти, судии и обвинители. Се расправаме во коментари, лепиме етикети, додека крвта на жртвите се суши на асфалтот, а системот продолжува да спие.
Пари и луѓе има, и тоа е најболниот факт. Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, од собраниската говорница јасно соголи една вистина: Македонија има над 500 полицајци на 100.000 жители, што е речиси дупло повеќе од европскиот просек. Значи, буџет и „џандари“ има на претек. Ама тој огромен кадар е пикнат по топли канцеларии, зафатен со чување партиски грбови и броење денови до пензија, додека интервентните тимови на терен немаат ниту возила, ниту гориво, ниту елементарен осет за итност кога жртвата вреска за помош.
За овој трул апарат воопшто да профункционира, електронската алка мора итно да се врзе со три клучни, радикално реформирани столбови:
- Агресивно развивање на пробацијата: Оваа служба мора да излезе од пасивноста и да се развие преку десетици регионални пунктови низ целата држава. Доста ни е од административци кои само префрлаат папки со рамнодушноста на шалтерски работници. Мора да се вработат мотивирани професионалци – обучени пробациски службеници, психолози и социјални работници кои 24/7 ќе им дишат во врат на насилниците на терен.
- Вештачка интелигенција (AI) како дигитален штит: Човечкиот фактор кај нас е синоним за корупција, мрзеливост и субјективни „врски“. Системот за следење мора да биде автоматизиран со AI софтвер кој во истата секунда кога насилникот ќе го повреди безбедносниот радиус на жртвата, директно и без посредници ќе го алармира најблискиот пробациски пункт и полициска патрола. Без простор за човечко „заборавив“ или „ќе помине“.
- НВО секторот како немилосрден контролор: Граѓанските организации кои со децении ги собираат скршените парчиња од жртвите не смеат повеќе да бидат молители пред вратите на министерствата.
Тие мора да добијат законски пристап до мониторинг-системите како независен контролен механизам. Само така ќе бидеме сигурни дека ниту еден аларм нема да биде затскриен под тепих.
Технологијата е измислена, парите се собрани од нашите џебови, а полицијата ни е превработена. Она што и недостасува на Македонија е политичка волја да престане да ги штити насилниците и сопствениот комфор. Доколку електронските алки се воведат само како нова шминка-проект, без силна пробациска мрежа, без паметна AI автоматизација и без остар граѓански надзор од НВО секторот, тие ќе завршат како уште еден скап, криминален тендер. Време е државата да престане да го користи својот гломазен полициски апарат за парадирање и сиве коментатори од социјалните мрежи да сфатат: додека глумиме експерти на Фејсбук, институционалниот дефект нѐ убива сите, еден по еден.


