Протест во Охрид, за СДСМ – за правда, за ВМРО ДПМНЕ – за фотелјата на Филипче

Објавено:

Протестот во Охрид е за сите жртви на насилство, да го искажеме гневот поради непостапување на институциите, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Во соопштението од СДСМ се вели дека Филипче порачува оти целта на протестот не е политичко профитирање, туку мобилизирање на граѓаните и јавно искажување на гневот поради непостапувањето на надлежните институции, како и да се спречат нови жртви и институциите конечно да почнат да си ја вршат својата работа.

Филипче потсети дека во изминатиот период имаше многу случаи на фемицид, семејно насилство и насилство врз жените, што е сериозен показател за нефункционирањето на системот за безбедност во државата, се вели во соопштението на СДСМ.

ВМРО ДПМНЕ, пак, смета дека повикот за протест е повик да се политизира целиот настан за да има крвави политички поени за Венко Филипче.

„А Филипче пет пари не дава ниту за повреденото девојче ниту за неговото семејство. Ако беше поинаку, тогаш СДС ќе се однесуваше достоинствено, а не како лешинар“, се вели во соопштението на владејачката партија.

ВМРО-ДПМНЕ веднаш го осуди инцидентот и побара обвинителството да не помисли овој случај да биде заборавен. Единствените кои политички го злоупотребуваат овој немил настан, за жал, се Венко Филипче, СДС и Левица.

Протестот на СДС во Охрид не е за сочувство на семејството на претепаното девојче, туку борба за фотелјата на Филипче, соопшти ВМРО ДПМНЕ.

Форумот на жени на СДСМ за денеска, со почеток во 18:00 часот, организира протест пред СВР Охрид, во знак на поддршка на младата Сара и нејзините блиски, на сите жени жртви на насилство и протест против, како што велат, нефункционалните институции водени од ВМРО кои ги штитат насилниците.