Иранската Исламска револуционерна гарда соопшти дека со шест беспилотни летала нападнала американски радар во база за хеликоптери во Бахреин, по што во земјата се огласиле сирените за тревога.
Министерството за внатрешни работи на Бахреин ги повика жителите веднаш да се упатат кон најблиското безбедно место.
На социјалните мрежи се појавија и снимки од нападот со дронови, кои за кратко време станаа вирални.
Бахреинските власти упатија апел до граѓаните и странските државјани кои престојуваат во земјата да останат смирени, да побараат засолниште и информациите за развојот на ситуацијата да ги следат исклучиво преку официјалните канали, пренесува Ал Џезира.
Нападот следува по само еден ден од изјавите на американскиот државен секретар Марко Рубио дека „војната со Иран од воен аспект е завршена“ и дека „засега нема потреба од нови напади врз Иран, бидејќи веќе е многу ослабнат“.
Во меѓувреме, Иранската револуционерна гарда соопшти дека Ормускиот Теснец е затворен и предупреди дека секој американски напад ќе биде пречекан со уште посилен и поодлучен одговор.
Засега нема реакција од Централната команда на американската војска, надлежна за операциите на Блискиот Исток, во врска со иранскиот напад врз базата во Бахреин.


