Родителите од Кочани: Не ни требаат нови ветувања и погреби, бараме одговорност

Објавено:

Не ни требаат нови ветувања по нови погреби, бараме одговорност. Сакаме институции што ќе ги штитат животите.

Ваква заедничка порака испратија родителите на загинатите во пожарот во дивата дискотека „Пулс“ во Кочани, на уште еден заеднички „Марш за ангелите“ организиран низ кочанските улици и пред тамошните институции.

„По трагедијата во ’Пулс‘ слушнавме дека на сопственикот со години му било гледано низ прсти од институциите – од МВР, инспекторите, УЈП до локалните функционери. А, потоа следуваше големото ветување: ’Верувајте ни, сите кои се вмешани ќе одговараат‘. Е господа, ви поверувавме. Но, речиси 20 месеци подоцна прашуваме, до каде стигна вашето ’сите‘? Дали се испитани сите институционални прописи, дали се спроведени внатрешни контроли, дали се поведени дисциплински постапки? Каде се резултатите или ветувањата важат само додека камерите се вклучени?“, рече Валентина Христовска, мајка на загинатиот Павел.

На нас семејствата, продолжи таа, „не ни требаат ветувања туку потребни ни се одговори, конкретни постапки и видливи резултати затоа што човечкиот живот не е статистика, а нашата болка не е тема за една прес-конференција“.

Нејзиниот син Павел, е еден од 63-те жртви во пожарот што се случи ноќта помеѓу 15 и 16 март 2025 година.

Но, покрај нивните деца, родители ги споменаа и останатите жртви од големите трагедии што ја потресоа Македонија изминативе години, како и жените и девојките жртви на фемициди.

„Ласкарци – 16 изгубени животи, модуларната болница во Тетово – 14 згаснати животи, Беса транс – 45 човечки животи, ’Пулс‘ – 63 и над 200 повредени. Вкупно 138 изгубени животи. А, на оваа болна листа се надоврзуваат и имињата на жените и девојките чии животи беа насилно прекинати: Танкица од Кочани, Росица од Велес, Емилија од Штип, Рамајана од Шуто Оризари, Ивана од Скопје и 17 годишната Билјана од Богданци. Не се само тие. Колку уште жени живеат во страв зад затворени врати, изложени на закани и насилство.“, рече Христовска.

Ова, посочи, се различни трагедии, различни семејства, но иста болка и исти прашање: „До кога ќе се бараат одговори дури откако ќе згаснат човечки животи? До кога предупредувањата ќе остануваат неслушнати, а опасностите непрепознаени?“.

Тие побараа поддржа од сите граѓани во барањето правда – родители, студенти и сите останати.

Кај нив, според изјавата на уште еден родител, Драги Стојанов, татко на загинатиот Томче, има револт и затоа што досега не добиле поддршка ниту од родители на децата кои беа повредени истата ноќ во „Пулс“.

„Сите кои имате повредени дечиња, на ниеден марш досега не ни дадовте поддршка. Ние овде чекориме не само за нашите дечиња, нашите дечиња отидоа, ние повеќе не можеме да ги видиме. А вие треба да чекорите за вашите дечиња. Вие треба да се борите за правдата, за вашите деца да живеат во мир, во благосостојба, а не по цела ноќ да не може да спијат“, рече Стојанов.

Тој го прозва и градоначалникот на Кочани, велејќи дека тој треба да биде со нив на маршот и да им даде поддршка, како и советниците во Општина Кочани за кои рече биле тука до пред локалните избори, а потоа ги заборавиле.

Родителите во Кочани решија повторно да излезат на „Марш за ангелите“, кој претходно го организираа секоја сабота, барајќи правда.

За случувањата околу дивата дискотека „Пулс“ има неколку кривични постапки. Најобемниот предмет опфаќа 35 обвинети лица и три фирми. Судскиот процес трае веќе една година, а меѓу обвинетите се сопствениците на дискотеката, но и поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори и други службеници. На сите ќе им се суди за исто кривично дело – „предизвикување на тешки дела против општата сигурност“.

Има и неколку случаи во кои се опфатени полицајци, како и уште еден предмет во кој се гони газдата Дејан Јованов, а е поврзан со давање поткуп во Министерството за економија кое е надлежно за издавање лиценци. Истрагата за овој предмет беше отворена на почетокот на октомври 2026 година.