Газдата на дискотеката „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов, сепак, нема да излезе на слобода. Тој останува во притвор, но во рамки на новата истрага за давање поткуп што ја поведе Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Јованов е меѓу клучните обвинети во судскиот процес за пропустите и причините кои доведоа до пожарот во дискотеката. Вкупниот број на обвинети е 35 лица и три фирми, меѓу нив има поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори и други службеници. Сите се гонат за „тешки дела против општата сигурност“.
Овој судски процес започна во ноември 2025 и е во тек, но на 3 октомври (утре) истекнува законскиот рок колку што може најмногу да трае притворот. Во пресрет на истекување на овој рок, ОЈО ГОКК соопшти дека отворило нова истрага за Јованов каде го сомничи за давање поткуп и во рамки на неа бара да му се определи притвор.
Од Куманово во Шутка
Предлогот што го даде Обвинителството, од Основниот кривичен суд Скопје го прифатија. Оттаму, наведоа дека притворот му е одреден од 3 октомври, односно дента кога истекува притворот во другиот предмет. Причините поради кои судот ја прифатил предложената мерка притвор, како што објаснуваат е, „опасност осомничениот да се даде во бегство, како и поради основан страв дека може да ја попречува истрагата со влијание врз сведоци“.
Јованов досега беше во притвор во кумановскиот затвор, но утре ќе биде префрлен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
„Имајќи предвид дека осомничениот, мерката притвор, определена во предметот ’Пулс‘, ја издржуваше во КПУ Затвор ’Куманово‘, со оглед да првично му беше определена од Основниот суд Кочани, сега истиот ќе биде префрлен на издржување на ново определената мерка притвор во Затвор ’Скопје‘, согласно Правилникот за спровод и издржување на определените мерки за обезбедување присуство“, велат од Основниот кривичен суд.
За што се гони Јованов во новата истрага?
Во новата истрага за која е определен новиот притвор за Јованов, тој се гони за давање поткуп во Министерството за економија.
„Осомничениот дал поткуп на службено лице во Министерството за економија за да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши, односно да му обезбеди лиценца за вршење угостителска дејност, без воопшто да поднесе барање за лиценца и во услови кога знаел дека неговиот објект не исполнувал законски услови“, наведоа од ОЈО ГОКК.
За ова дело е предвидена затворска казна од една до 10 години.
Висината на санкцијата, но и тоа што Јованов е обвинет и во другиот предмет, како што беше соопштено од обвинителството, е причина да за барањето тој да остане зад решетки.
„Службеното лице кое го примило поткупот веќе е обвинето и против него се води судска постапка за дејствија на примање поткуп“, додадоа од ОЈО ГОКК.
Јованов и неговите адвокати имаат право да поднесат жалба за новиот притвор и за неа ќе биде надлежен да одлучува Кривичен совет во Основниот кривичен суд.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.


