Судење за „Пулс“: Сопственикот на дискотеката не ја дал на увид лиценцата за работа

Објавено:

Сопственикот на кабарето „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов, не им ја дал на увид лиценцата за работа на полициските службеници при контрола во 2023 година, а пристапот до објектот бил целосно блокиран од паркирани возила – сведочеше денеска самостојниот инспектор при Регионалниот центар за гранични работи Исток – Делчево, Деспина Симеонова, на судењето против деветтемина полициски службеници обвинети во врска со пожарот во кабарето „Пулс“.

Симеонова, која сведочеше во рамките на директното испитување од страна на Обвинителството, појасни дека во Министерството за внатрешни работи е вработена од 2001 година, а во текот на 2022 и 2023 година континуирано извршувала работни задачи како инспектор за странци опфаќајќи канцелариска и теренска работа, но и дека „кога работат според оперативни планови, имаат заеднички акции со инспекторите од МВР, Пазарна инспекција, Труд и социјала…“.

Во однос на кабарето „Пулс“, Симеонова потврди дека во периодот од 2022 до 2023 година биле вршени контроли во повеќе наврати, но како што рече, секогаш во рамки на нејзината надлежност. По секоја извршена контрола бил изготвуван извештај, кој бил доставуван до Регионалниот центар за гранични работи Исток.

Контролите се одвивале во ноќните часови, првично од 22 до е 3 часот по полноќ, а подоцна од 23 до 4 часот. За процедурата на евидентирање на неправилностите од страна на останатите присутни служби, Симеонова појасни дека секој оперативен план има одговорно лице коешто ја спроведува акцијата.

На прашањето на Обвинителството за сообраќајниот пристап до кабарето и присуството на возила околу објектот, Симеонова сведочеше дека било сообраќаен хаос.

„Хаос е, со еден збор – не се поминува. Паркингот којшто се користи од хотелот во близина е преполн, а на улицата пред дискотеката не може да се помине од паркирани возила“, рече Симеонова.

Инспекторката детално го опиша и моментот кога од сопственикот на објектот била побарана документацијата за работа. Таа рече дека лиценцата била побарана во нејзино присуство од колегата Златко Кузмановски, кој бил одговорен за акцискиот план.

„На барање на колегата Златко Кузмановски, кој беше одговорен за акцискиот план, во мое присуство беше побарана лиценцата за работа на дискотеката „Пулс“. Од страна на сопственикот Дејан Јованов лиценцата не ни беше покажана, ниту дадена на увид, со објаснување дека е многу доцна да го бара книговодителот бидејќи не е во просториите на дискотеката и дека ќе ја донесе во понеделник. Тврдеше дека ги има поднесено документите за обновување на лиценцата за работа пред 15 дена во Скопје и тврдеше во тој момент дека лиценцата има важност до 31 март 2023 година. Од моја страна и од страна на колегата тоа беше нотирано во извештајот таа вечер“, сведочеше Симеонова.

Судскиот процес против деветтемина полициски службеници продолжува со сослушување сведоци и изведување на материјалните докази предложени од Обвинителството.

Последни објави