Одбраната на првообвинетиот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов, најави дека оваа недела ќе поднесе гаранција во имот за определување мерки на претпазливост, бидејќи на 3 октомври му истекува едногодишниот притвор.
Адвокатката Ивана Коцевска на денешното рочиште побара дозвола од Судот нотар да го посети Јованов во притвор за да се завери изјава за согласност за оптоварување на имотот што ќе биде понуден како гаранција.
Коцевска нагласи дека одбраната не ја негира одговорноста на Јованов, туку ја оспорува правната квалификација во обвинението, односно тврди дека неговата одговорност не може да биде за дело сторено со умисла, туку само од небрежност.
„Ние не дадовме признание на вина во текот на постапката од проста причина што ја негираме правната квалификација на делото. Умислата ја негираме. Со самото тоа ние не ја негираме одговорноста којашто постои кај Дејан Јованов. Кај Дејан Јованов де факто постои одговорност, меѓутоа не на начинот којшто тоа е срочено во обвинението. И затоа бараме да се дозволи да му се почитува правото и на фер начин да се утврди неговата одговорност за којашто ние се бориме“, изјави Коцевска.
Судијката Дијана Груевска-Илиевска потврди дека притворот по сила на закон мора да заврши по една година, независно од тоа дали причината е во одбраната или во Судот.
Судењето продолжува со дополнителни прашања од Обвинителството до градежните вештаци кои го изработиле градежното вештачење.
Со изведувањето на градежното вештачење, изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, и распит на вештите лица што го изработил, како што е најавено треба да заврши изведувањето докази од Обвинителството, по што, треба да почне со изведување на докази одбраната.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.


