Основниот кривичен суд Скопје информира дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Судот доставило предлог за определување нови мерки за обезбедување присуство против газдата на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, кој во моментов се наоѓа во притвор поради предметот со пожарот во Кочани.
Од Обвинителството вечерва потврдија дека е отворена истрага против едно лице осомничено за давање поткуп на службено лице во Министерството за економија, со цел да добие лиценца за вршење угостителска дејност.
Според Обвинителството, осомничениот дал поткуп за службеното лице да изврши службено дејствие што не смеело да го изврши, односно да му обезбеди лиценца иако тој воопшто немал поднесено барање за лиценца и знаел дека неговиот објект не ги исполнува законските услови.
Поради опасност од бегство, како и поради фактот што против осомничениот се води уште една кривична постапка за „Тешки дела против општата сигурност“, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор.
Инаку за кривичното дело „Давање поткуп“ од член 358 став 1 од Кривичниот законик е предвидена затворска казна од една до 10 години.
Од Обвинителството појаснуваат дека осомничениот досега бил обезбеден како обвинет во друга постапка, но законските рокови за негово обезбедување во тој предмет истекуваат. Јованов требаше да излезе од притвор на 3 октомври, до кога му беше последното продолжување на притворот, поради законската одредба дека може да ја издржува мерката најмногу една година од оцената на обвинителниот акт. Тој понуди 12 милиони денари или околу 200 илјади евра во недвижен имот, како гаранција дека нема да побегне откако ќе излезе од притвор.
Но, сега бидејќи истрагата за дејствијата поврзани со поткупот продолжува, обвинителот оценил дека постои ризик тој да не биде достапен на органите на постапката и дека притворот е неопходен.
Службеното лице кое, според обвинителството, го примило поткупот веќе е обвинето, а против него се води судска постапка за примање поткуп.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Вкупниот број на обвинети во судскиот процес е 35 лица и три фирми. Меѓу нив газдата и лица од сопственичката структура на дискотеката, поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори и други службеници. На сите им се суди за исто кривично дело – „предизвикување на тешки дела против општата сигурност“.


