Скопјанка пријавила дека нејзината 12-годишна ќерка била заклучена против своја волја во автомобил од малолетник, по средба во паркот Сарај во Скопје, информираше Министерството за внатрешни работи (МВР). Девојчето, кое претходно било пријавено за исчезнато, се вратило дома следното утро.
Според информациите од МВР, мајката на 13 ноември во еден часот по полноѓ пријавила во полиција дека нејзината ќерка претходниот ден, околу 18 часот, се оддалечила од семејниот дом. Подоцна мајката ја известила полицијата дека девојчето се вратило дома на 13 ноември околу 8 часот утрото.
Според пријавата, 12-годишното девојче и нејзина малолетна другарка се сретнале со неколку малолетници во паркот Сарај. Потоа, еден од малолетниците ја заклучил 12-годишната девојка во патничко возило против нејзина волја.
Како што е пријавено, малолетникот останал во автомобилот со девојчето и со нејзината другарка до следното утро.
Од МВР соопштија дека се преземаат мерки за расчистување на случајот. Засега нема дополнителни информации, ниту е соопштено дали некое лице е приведено.


