Во 2026 година од страна на СВР Тетово биле регистрирани и пријавени 12 случаи на нарушувања на јавниот ред и мир и други инциденти помеѓу малолетни лица од различни етнички заедници. Од нив целосно расчистени се пет случаи. Во тие пријави има и од родители – Албанци и од родители – Македонци.
„Моето дете не сака да излегува сам од дома. Повеќе не се чувствува безбедeн поради што бев принуден да му купам солзавец за да се заштити“, вели Дарко Гавриловски од Тетово, чиј единаесетгодишен син неодамна бил физички нападнат од неколку повозрасни деца од албанска етничка припадност.
Нападот го снимиле и објавиле на ТикТок, каде што на профилите насловени како „Антикаури“, „Балисти“, „Каурски пи*ки“ и слични редовно се објавуваат видеа со следната содржина: група деца бркаат помали деца, ги напаѓаат физички или вербално, притоа сето тоа го снимаат и бегаат.
„Моето дете беше нападнато среде бел ден. Додека со другарче одел на тренинг. Ги фатиле за гуша и почнале да им ги соблекуваат јакните да видат дали се „Војводи“. Еден од нив снимал со мобилен, а снимките се за посебна ТикТок група во која со снимките од тепаните деца се „натпреваруваат“ кој ќе стави појако видео. Ги соблекуваат, ги дават, девојче од класов од од син ми ја терале да каже дали си за Балисти или за Војводи?“, раскажува Гавриловски за Колегиум.мк.
Тој апелира дека веќе подолго време децата во Тетово се жртви на меѓуетничко насилство. И дека не се работи само за „детска игра“, туку за тренд кој станува опасен. Нападот на синот го пријавил во полиција, но не добил уверување дека сторителите ќе бидат пронајдени и казнети.
Пред 9 месеци истиот стрес го преживеало и друго дете од Тетово. Тоа било нападнато во училишниот двор, од група поголеми деца од албанска националност. Снимката се појавила на профилот на групата „Антикаури“. Неговата мајка вели дека после тој настан, нејзиниот син има трауми и проблеми со спиењето.
До денеска напаѓачите не се идентификувани.
„Полицијата знае, пријавивме и во станица и во Центарот за социјални работи. Иако син ми ги знае напаѓачите затоа што учат во соседното училиште, од полицијата ни рекоа дека снимките од камерите ги нема, а не можеле да им ги најдат ниту ИП-адресите“, ни изјави мајката на нападнатото дете.
Полицијата демантира дека ги игнорирале случаите
Одговори за случувањата побаравме од СВР Тетово. Оттаму велат дека секоја пријава се евидентира и се преземаат мерки за расчистување на случаите и спречување на какви било инциденти.
„МВР и СВР Тетово постапуваат со максимална сериозност, професионалност и целосна посветеност во секој еден случај што се однесува на безбедноста на малолетните лица, отфрлајќи ги како неосновани тврдењата за каква било неактивност, релативизирање или занемарување на пријавите“, изјави Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово.
Во 2026 година од страна на СВР Тетово биле регистрирани и пријавени 12 случаи на нарушувања на јавниот ред и мир и други инциденти помеѓу малолетни лица од различни етнички заедници. Од нив целосно расчистени се 5 случаи (за овие настани утврдени се сторителите и преземени се законски мерки и кон родителите/старателите е поведена соодветна прекршочна постапка), со оглед на одговорноста што ја имаат родителите за однесувањето на малолетните деца.
„Расчистени три кривични дела: За овие случаи комплетирани се доказите, при што две кривични пријави се веќе изготвени и доставени до Основното јавно обвинителство Тетово, додека едно кривично дело е во фаза на завршување и во најскоро време ќе биде проследено до надлежното обвинителство. Последните четири случаи се во фаза на активна истрага и расчистување при што за два настани сторителите се веќе познати на полицијата, а во моментов се чека на официјален извештај од надлежниот Центар за социјална работа (ЦСР) со цел целосно заокружување на постапката, додека за останатите два настани постојат основано сомнителни лица и интензивно се работи на нивно целосно документирање, по што ќе следуваат соодветни законски поднесоци“, информираат од тетовската полиција.
Во тие пријави има и од родители – Албанци и од родители – Македонци.
Од полицијата уверуваат дека за секој пријавен случај навремено го известиле Центарот за социјална работа, каде што било разговарано со децата во присуство на родители, социјални работници и психолози.
Невладините бараат институциите да ги заштитат децата од насилство
Инаку инцидентите со врсничко насилство се сè почеста и загрижувачка појава во земјава. Нов тренд е што насилството меѓу врсниците не завршува со физичкиот напад, туку продолжува и преку снимање, споделување и јавно понижување на жртвата.
Последен случај на врсничко насилство е од 18 октомври, кога 13-годишно момче било нападнато од група малолетници на плоштадот „Делфина“ во скопската населба Влае. Според пријавата во полицијата, во нападот бил употребен и тврд предмет. Мајката на детето изјавила дека учествувале околу 15 малолетници, а момчето се здобило со повреди, меѓу кои и скршени заби.
Претходно, во јули, во Куманово беше пријавен случај во кој три девојки нападнале 14-годишна девојка, ја удирале, клоцале и влечеле за коса, а насилството го снимале со мобилен телефон. Обвинителството поведе постапка против полнолетната осомничена и побара подготвителна постапка за двете малолетнички.
Еден од најтешките случаи се случи во скопски Чаир, каде што на 31 август, при пресметка меѓу две групи, 13-годишно момче беше избодено со нож во пределот на срцето. Во инцидентот учествувале четворица малолетници и едно полнолетно лице. И покрај повеќенеделното лекување, детето почина на 24 септември.
Невладиниот сектор бара одговорност од надлежните институции. Од коалицијата „Глас против насилство“ неодамна предупредија дека образовните институции, центрите за социјална работа и здравствениот систем не смеат да ја префрлаат одговорноста меѓу себе, додека децата остануваат без навремена заштита и стручна помош. Барањата на невладиниот сектор вклучуваат обезбедување бесплатна психолошка помош за ранливите семејства и воспоставување независен граѓански мониторинг над институциите.


