Шест и пол годишно дете било физички нападнато, соблечено и снимано со паметен часовник во соблекувална на спортска сала во основно училиште во Кочани. Случајот го пријавил таткото на детето, 42-годишен жител на Кочани, се вели во полицискиот билтен. Во него е наведено дека нападот го извршиле, според изјавата на таткото, поголеми деца.
За случајот е известен јавниот обвинител и Центарот за социјални работи, а полицијата ги презема мерките за рсчистување на случајот, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи.
Врсничкото насилство останува сериозен проблем во училиштата. Од почетокот на 2026 година до јуни биле регистрирани 93 инциденти во 64 училишта, или приближно еден случај на секои два дена.
Алармантни се и случаите во кои е употребено оружје.
Училишната година во септември започна со напад на дете на возраст од 13 години од скопски Чаир почина откако беше прободено со нож. Тепачката се случи на 31 август, меѓу момчиња на возраст од 13 до 19 години, при што три момчиња беа повредени. Во инцидентот биле користени ножеви, пендреци и безбол палки. Во мај 15-годишен ученик беше прободен со остар предмет во училиште во Ченто, додека во јули 12-годишно момче беше нападнато и прободено со нож во Шуто Оризари.
Податоците на УНИЦЕФ покажуваат дека проблемот е многу поголем, односно 23 проценти од младите на возраст од 13 до 15 години пријавиле дека биле малтретирани од врсници во последните неколку месеци.
Во процедура се нови законски измени со кои ќе се предвидуваат санкции за родителите чии деца прават насилни дела. Целта на овие измени, како што изјави неодамна министерката за образование Весна Јаневска е да се создаде безбедна училишна средина откога во изминатиот период јавноста е сведок на неколку случаи на врсничко насилство, од кои последниот во основното училиште „25 Мај“ во Ченто кога со остар предмет беше повреден 15-годишен ученик.


