На ноемвриската листа на должници има 2.006 правни и 3.194 физички лица со доспеани обврски до крајот на јули, објави денеска Управата за јавни приходи (УЈП).
Според извештајот, вкупно 5.200 граѓани и компании во Македонија не ги подмириле своите даночни и царински обврски, со што нивниот вкупен нето-долг достигна 14.024.931.031 денари, покажува новата листа на должници на Управата за јавни приходи (УЈП). Во споредба со претходниот пресек, бројот на должници е зголемен за 60, а сумата е повисока за 83,15 милиони денари. Листата ги опфаќа долговите доспеани до 31 јули и неплатени до 31 октомври 2026 година.
На ноемвриската листа на должници објавена на 10 ноември 2026 година се наоѓаат 2.006 правни лица, што е за 19 повеќе од претходната листа, и 3.194 физички лица, односно 41 должник повеќе.
Од вкупно објавениот нето-долг од 14.024.931.031 денари, најголемиот дел отпаѓа на даноци и придонеси во износ од 13.783.982.517 денари. Оваа ставка бележи раст од 13.738.971 денари во однос на претходниот месец. Долгот за царински давачки изнесува 240.948.514 денари и е зголемен за 69.414.049 денари.
Податоците за тековното исполнување на обврските покажуваат дека за месец септември 2026 година обврска за исплата на бруто-плата имале 74.782 работодавачи за вкупно 553.040 вработени лица. До законскиот рок на 15 октомври, плата исплатиле 49.439 работодавачи, или 66,11 проценти. Со тоа се покриени социјалните придонеси за 481.003 вработени, што претставува 86,97 проценти од вкупниот број вработени.
Според ноемврискиот извештај на даночниците, кај данокот на додадена вредност, пријавите во законскиот рок до 26 октомври ги поднеле 98,5 проценти од месечните и 97 проценти од тримесечните обврзници. Обврска за уплата на ДДВ пријавиле 21.061 даночен обврзник на вкупен износ од 5,578 милијарди денари. Од нив, во законскиот рок обврската ја подмириле 12.676 обврзници, кои уплатиле 2,542 милијарди денари или 45,6 проценти од вкупно пријавениот долг.
УЈП ги објавува овие податоци согласно член 9 од Законот за даночна постапка. Критериумот за влез на листата е вкупниот неплатен долг по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини да биде повисок од 120.000 денари за физички лица и самостојни вршители на дејност, односно над 300.000 денари за правни лица.


