Морбилите не се само детска болест.
Тие се една од најзаразните вирусни болести во светот и можат да предизвикаат сериозни компликации, па дури и смрт.
Вирусот се пренесува преку воздухот – со кашлање, кивање и дишење во близина на заразено лице.
Еден заболен може да зарази девет од десет невакцинирани лица со кои ќе дојде во контакт.
Болеста започнува со висока температура, кашлица, течење на носот и црвенило на очите.
Подоцна се појавува осип, кој се шири од лицето кон телото. Можни се и тешки компликации, како воспаление на белите дробови и мозокот.
Во Македонија досега се потврдени неколку случаи на морбили, но стравот е голем поради нискиот опфат на вакцинација во услови на епидемија на морбили во Косово и Бугарија.
Здравствените власти соопштија дека нема да има присилна вакцинација, оценувајќи дека таквите мерки се контрапродуктивни.
МРП-вакцината штити од морбили, рубеола и заушки. Две дози обезбедуваат околу 97 проценти заштита од морбили.
Институтот за јавно здравје апелира до родителите да ги надоместат пропуштените дози, бидејќи вакцинацијата е најефикасната заштита од болеста и нејзиното ширење.


