Поправен дом за шестоодделенките од Ѓорче Петров кои малтретираа соученичка

Објавено:

Упатување во воспитно-поправен дом на четирите малолетни деца е пресудата што ја донесе Основниот суд Скопје за врсничкото насилство во Ѓорче Петров за кое јавноста дозна во мај годинава. Станува збор за постапка против шестоодделенки коишто малтретираа 13 годишна соученичка, кои снимале со мобилен телефон како ја тепаат, гасат цигари од нејзиното тело и насилно ја принудиле да јаде кучешки измет. Две од нив добија мерки во траење од по една година, а другите две од по осум месеци, потврдија од судот.

Одлуката е првостепена и сè уште не е правосилна. Од Кривичниот суд велат дека таа се подготвува во писмена форма и сè уште не е доставена до странките. Оттаму објаснуваат дека постапката е тајна затоа што станува збор за деца.

Случајот ја вознемири јавноста откако беа објавени снимки од насилството врз 13-годишната ученичка од Ѓорче Петров. На снимките се гледа како група врсници ја опкружува, ја влече за коса, ја турка на земја и ја удира. Дел од присутните го снимале насилството со мобилни телефони.

Според Основното јавно обвинителство Скопје, насилството се случило во два одвоени настана. Обвинителството поведе постапка за кривичното дело „насилство“ против три 14-годишни девојчиња и една 17-годишна девојка, која во меѓувреме станала полнолетна. Постапката се водела според Законот за правда за децата.

Во врска со истиот случај, до Обвинителството биле поднесени и шест кривични пријави против родители за „запуштање и малтретирање дете“, поради сомнение дека ја запоставиле должноста за грижа и воспитување. Засега нема информации за исходот од тие пријави.

Овој случај предизвика бурни реакции во јавноста, а психолозите предупредија дека ваквите случаи оставаат длабоки и долгорочни последици врз менталното здравје на децата. Минатата година, МВР регистрираше над 90 инциденти поврзани со врсничко насилство од кои над 60 се физички напади.