Во изминатите две недели, во серија полициски операции во Србија, уапсени се повеќе од 90 лица.
Меѓу уапсените има високи полициски функционери, банкари, вработени во покраинската и локалната самоуправа, како и директори на јавни претпријатија.
Апсењата уследија по парламентарните избори одржани на 25 октомври.
Во последните неколку дена речиси секојдневно пристигнуваат вести за нови апсења во Србија. Меѓу уапсените се началникот на Управата за криминалистичка полиција, Марко Кричак, началникот на Службата за сузбивање на криминал, Бошко Секулиќ, и командантот на Специјалната антитерористичка единица, Игор Жмириќ.
Уапсени се уште 17 полициски службеници, а аналитичарите сметаат дека тоа укажува на судири меѓу најмалку две струи во рамките на полицијата.
Полицијата го уапси и Давор Мацура, сопственик на „Алта банка“, која е блиска до одредени државни институции и компании. Тој и двајца негови соработници се осомничени дека изнеле околу 380 милиони евра од трезорот на банката. Во банката е покрената постапка за стечај.
Покраинскиот секретар за социјална политика, Предраг Вулетиќ, како и неговиот колега, директорот на Републичкиот хидрометеоролошки завод, Југослав Николиќ, и управникот на Казнено-поправниот завод „Забела“, Родољуб Рончевиќ, исто така, се уапсени под сомнение за злоупотреба.
Меѓу уапсените се и претседателот на Општина Инѓија, Марко Гашиќ, со неговите соработници, како и група директори во Нови Сад. Под притисок на јавноста, започнаа и оставки на функционери на локално ниво.
Правниците посочуваат дека за време на владеењето на СНС, било речиси незамисливо полицијата и правосудството да постапуваат независно, по службена должност или по бројни пријави што со години „стоеле во фиоки“.
Тие сметаат дека апсењата извршени во последните денови покажуваат оти деполитизацијата во институциите станала очигледна и опиплива.


