Летонија и Литванија изутринава ги повикаа жителите на неколку региони да побараат засолниште поради закана од неидентификувани беспилотни летала кои влегле во нивниот воздушен простор од соседна Русија или Белорусија.
Поради заканата беа активирани и борбени авиони на НАТО за воздушна одбрана.
Нема извештаи за повредени лица, а литванските власти за управување со кризи соопштија дека предупредувањето се однесува и на Каунас, вториот по големина град во земјата, со околу 300.000 жители.
И Финска денеска воведе привремени ограничувања во воздушниот и поморскиот сообраќај во областа на источниот дел на Финскиот Залив, објавија финските одбранбени сили на социјалната мрежа X.
Станува збор за превентивна мерка за заштита на населението и овозможување на надлежните служби да реагираат на можни закани од дронови, наведоа финските одбранбени сили.
Мерките се воведени во момент кога украински дронови напаѓаат руски цели во северозападниот дел на земјата, каде што се наоѓаат важни извозни капацитети на брегот на Балтичкото Море и голема рафинерија за нафта.
Украински воени беспилотни летала во последните месеци навлегуваа во воздушниот простор на Финска, Естонија, Летонија и Литванија, што ги засили стравувањата дека војната во Украина би можела да се прелее и на земјите членки на НАТО кои граничат со Русија и нејзиниот сојузник Белорусија.
Украина ги напаѓа руските пристаништа за извоз на нафта на Балтичкото Море, но дел од нејзините дронови ги промашија целите, поради што соседните земји мораа да издаваат безбедносни предупредувања.


