Во Бугарија утре е ден на жалост

Објавено:

Бугарија утре прогласи ден на жалост по смртта на 12 лица во верижните сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“, објави премиерот Румен Радев.

„Црн ден за цела Бугарија“, рече Радев по повод тешката несреќа на Тракискиот автопат, во која загинаа 12 лица, а десетици други беа повредени. Повредените се примени во болниците во Бургас, Сливен и Јамбол.

Радев најави дека лично ќе ги посети медицинските установи.

Министерката за здравство, Катја Ивкова, објави дека вкупно 51 пациент се пренесени во болниците во трите града. Најмногу има во Сливен – 33, во Јамбол – 11 и во Бургас – 7. Има 13 тешко повредени лица. Еден од нив бил подложен на тешка операција во болница во Бургас поради политраума, но според медицинските екипи, тој има сериозни шанси за преживување.

Министерот за внатрешни работи, Иван Демерџиев, изјави дека првичната несреќа била предизвикана од нагло намалување на видливоста, од 70-80 метри на само 10 метри. Системот BG-ALERT бил активиран, а тој самиот добил неколку пораки на телефонот, но немало посебно предупредување за опасно ниска видливост.

Од полицијата во Јамбол соопштија дека пријавата била добиена околу 7.10 часот – првично за судир со повеќе возила на 289-тиот километар во правец кон Бургас, а една минута подоцна пристигнала и пријава за втор верижен судир во лентите што водат кон Софија.

На фотографиите што ги споделија возачите се гледаат комбиња, камиони, автобуси и голем број патнички автомобили кои учествувале во несреќите.