Диви депонии во Скопје – за една недела 890 кубни метри отпад

Објавено:

Вкупно 3600 тони комунален отпад подигнаа и транспортираа екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на изминатата седмица од домаќинствата и правните субјекти на територијата на градот Скопје, соопшти претпријатието.

Во истиот период се отстранети 890 кубни метри непрописно одложен кабаст и градежен отпад од јавни и сообраќајни површини во сите скопски општини.

Најголемо количество непрописно одложен отпад е подигнато во општината Центар, каде што се расчистени вкупно 220 кубни метри отпад од диви депонии.

Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела изготви 26 записници за лица и правни субјекти затекнати при кршење на Законот за јавна чистота. Најголем број записници – вкупно 12, беа врачени на територијата на скопската општина Чаир.

ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше еко-предавања за правилно постапување со отпадот во ООУ „Круме Кепески“ во општината Кисела Вода.

Со едукативните активности беа опфатени вкупно 90 ученици од шестите одделенија во училиштето, а нашите најмлади сограѓани беа запознати на кој начин правилно да го одлагаат комуналниот отпад, како и за придобивките од неговата примарна селекција, се вели во соопштението.