Трамп предложи нова амбасадорка на САД во Македонија

Објавено:

Кристи Меккормик од Калифорнија е предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за нова амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Македонија.

Кристи Меккормик е дипломирана правничка, која од декември 2014 до јули 2026 година била членка на Американската изборна комисија.

За време на својот мандат, ја предводела реорганизацијата на Комисијата, иницирала самити за изборни податоци и пристапност на изборите, а учествувала и во набљудување на избори во речиси сите сојузни држави на САД и во повеќе други земји.

Претходно работела и како виш правен советник во Секторот за гласачки права при Министерството за правда на САД.

Таа важи за блиска до новоназначениот шеф на кабинет на Белата куќа, Стивен Милер, а во неколку наврати во минатото даваше проблематични изјави дека демократите се потпираат на гласање на нелегални мигранти за да победат на американските избори.

На веб-страницата на Белата куќа се објавени сите номинации на Трамп за американски амбасадори во повеќе држави во светот, кои сега треба да бидат одобрени од Сенатот.

Вршител на должноста амбасадор на САД во Македонија од почетокот на годинава досега ја извршува Никол Варнс, откако дотогашната амбасадорка Анџела Прајс Агелер беше отповикана од функцијата од страна на администрацијата на Доналд Трамп, по три години поминати во Скопје како десетти амбасадор на САД.