Петкратниот олимписки шампион во џудо, Теди Ринер, вчера ја објави својата кандидатура на претседателските избори во Франција во 2027 година, преку видео објавено на неговите профили на социјалните мрежи.
„Се викам Теди Ринер и денеска, гледајќи ве директно во очи, ја објавувам мојата кандидатура на претседателските избори во 2027 година“, изјави 37-годишниот спортист од Гвадалупе во неочекуваното соопштение.
„Борбата отсекогаш била дел од мене. Знам што значи да се бориш, да паднеш и повторно да станеш“, додаде џудистот, кој сè уште активно се натпреварува.
Тој рече дека знае што ќе кажат луѓето за него: „Тој е луд. Не е дел од естаблишментот. Не се снаоѓа во тоа. Никогаш не се занимавал со политика“.
„Ако тоа што одбивам да ја наведнам главата и да го прифатам хаосот ме прави луд, тогаш да, целосно сум луд. Нема да бидам еден од оние што гледаат како земјата гори, а притоа бараат изговори за себе“, додаде најуспешниот џудист во историјата, кој има и 11 светски титули.
Во опширното интервју за „Ле Паризиен“, францускиот спортист, кој на Олимписките игри во Париз во 2024 година стана првиот џудист со три олимписки злата во тешка категорија, изјави дека планира да ја продолжи спортската кариера, вклучително и со настап на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година, под услов да ја добие согласноста од францускиот народ.
Во истото интервју, Ринер објаснува дека одлуката да се кандидира датира од периодот по Олимписките игри во Париз, кога видел како целата земја се обединила, за само неколку недели подоцна повторно да се подели.
Иако признава дека веќе има многу кандидати, тој инсистира дека има намера да оди до крај, додавајќи дека не би го презел овој чекор доколку не верува дека има реални шанси за успех.
Тој за себе вели дека не припаѓа ниту на десницата ниту на левицата.


