Експортпарол на ВМРО-ДПМНЕ е нов директор на МКЦ, Бени Шаќири советник на Ѓорѓиевски

Објавено:

Поранешниот портпарол на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски е нов директор на Младинскиот културен центар (МКЦ) – Скопје на местото на досегашниот, музичарот Арбен Бени Шаќири.

Шаќири заминува на друга функција – советник на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

„Почитувани граѓани, ја користам оваа прилика да ве известам дека повеќе нема да ја извршувам функцијата директор на МКЦ – Скопје со што поднесов неотповиклива оставка до градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, од лични причини. Сепак, на предлог на градоначалникот Ѓорѓиевски, останувам дел од неговиот кабинет, на позицијата советник за култура, со што ќе се обидам од еден аспект да придонесам за унапредување и развој на културата во градот Скопје. За нов директор на МКЦ доаѓа Димче Арсовски, кому му посакувам да биде успешен и трпелив и верувам дека како млад човек ќе даде максимум од себе, за да може да се справи со сите потешкотии со кои културата воопшто се соочува изминативе години. Одиме понатаму …“, напиша Шаќири на Фејсубк.

Шаќири имаше амбиции да стане директор на МКЦ уште во мандатот на градоначалникот од СДСМ, Петре Шилегов, кој го водеше Град Скопје од 2017 до 2021 година. Во тој период, 2019 година имаше јавни реакции од повеќе од 200 културни работници кои бараа тој да не биде поставен за прв човек на МКЦ.

Шилегов не го назначи за директор. Две години подоцна, за време на локалните избори Шаќири му се спротивстави на Шилегов во трката за градоначалник како кандидат на коалицијата „Одлучно за промени“ која ја сочинуваа Либерално-демократската партија (ЛДП) и Демократската обнова на Македонија (ДОМ).

На изборите во 2021 победи Данела Арсовска која како независна кандидатка беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.

На почетокот на 2024 година, таа го постави Шаќири за директор на МКЦ откако претходно имаше неколку промени на оваа позиција.