Русија негира дека Европејци ќе учествуваат на преговорите за Украина

Објавено:

Кремљ денеска соопшти дека мировните преговори за Украина, кои оваа недела треба да се одржат во Абу Даби, ќе се водат во трилатерален формат меѓу руската, украинската и американската делегација, без учество на европски претставници.

Изјавата на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите е во спротивност со најавата на францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро од неделата, кој рече дека француски претставници ќе учествуваат на состанокот утре и задутре.

На средбата треба да се разговара за завршување на војната во Украина, безбедносните гаранции по војната и смирувањето на конфликтот.

„Она што ќе се случува во следните денови во Абу Даби се трилатерални преговори меѓу Русија и Украина, со посредство на Соединетите Американски Држави“, изјави Песков.

Тој рече и дека Украина и САД имаат свои канали за комуникација со европските партнери.

„Што се однесува до присуството на Европејците, Американците имаат свои канали за комуникација со Европејците, а и Украинците имаат свои канали“, додаде Песков за време на редовното обраќање пред новинарите.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека пред преговорите во Абу Даби, со американско посредство, ги усогласил ставовите со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Правиме сè за трилатералниот формат да донесе резултати“, напиша Зеленски на социјалната мрежа Икс.

Преговорите, предвидени за вторник и среда, треба да ги оживеат дипломатските напори за изнаоѓање решение за конфликтот во Украина, кој започна во 2022 година со руската инвазија.