Кој гради на државно земјиште во Бутел 2?

Објавено:

Има градежни активности на државно земјиште во населеното место Бутел 2, објави градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски на Фејсбук и ги повика тие што градат да ги запрат сите понатамошни активности до утврдување на законитоста на градбата.

„Доколку се утврди дека станува збор за бесправна градба и активностите продолжат, Општина Бутел, во координација со Министерството за внатрешни работи, веднаш ќе постапи во рамките на своите надлежности и ќе ги преземе сите законски мерки, вклучително и поднесување кривична пријава до надлежните органи и отстранување на сè што е бесправно изградено, согласно со законските процедури“, напиша Костовски.

Во објавата додава дека државното земјиште не е приватна сопственост и дека општината нема да толерира узурпација и незаконско градење.

Пријава за овој случај поднеле десетина граѓани.

Не е објавена точната локација за кое земјиште станува збор, ниту кој гради, додека не постапат инспекциските служби.

Според Државниот завод за статистика (ДЗС), во Македонија секоја година се регистрираат помеѓу 750 и 900 нови бесправно изградени објекти.

Од 2019 до 2023 година во скопскиот регион се пријавени вкупно 740 дивоградби. Општина Бутел е во врвот на оваа листа.

Според Кривичниот законик, затвор од три до осум години е предвиден за секој што гради, изведува градба или врши надзор над градба на сопствено или туѓо земјиште без одобрение за градење. Доколку бесправниот објект е изграден заради продажба, казната е минимум четири години затвор. Ако делото го направи градежна фирма, покрај затворската казна за управителот, фирмата се соочува со можна привремена или трајна забрана за вршење дејност.