Напаѓачот од Краков се товари за девет убиства со елементи на тероризам

Објавено:

Обвинителството во Краков денеска отвори истрага против 24-годишниот Михал Окшински за убиство на шест лица врз кои пукал со автоматско оружје на главниот плоштад во Краков, како и за убиство на три лица во семејниот стан во градот Островјец Швјентокшиски, соопшти полскиот министер за правда и главен обвинител, Валдемар Журек.

„Истрагата се однесува на две кривични дела. Првото е убиство на шест лица со огнено оружје и обид за убиство на повеќе други лица, меѓу кои и полициски службеници. Применетата правна квалификација ја зема предвид и намерата да се заплаши голем број луѓе, поради што делото има обележја на терористичко кривично дело“, објави главниот обвинител на платформата Икс.

За двете дела – неселективното пукање во минувачи и туристи во саботата попладне во историскиот центар на Краков, каде што беа ранети и 16 лица, како и за убиството на неговите родители и помладата сестра – според полските закони му се заканува доживотен затвор.

Напаѓачот бил повреден за време на потерата и апсењето. По две операции во болница во Краков, тој се наоѓа во критична состојба, поради што истражните органи сè уште не можат да го сослушаат.

Полскиот министер за внатрешни работи Марчин Кјервински ги соопшти првичните сознанија на полицијата, според кои станува збор за лице со десничарски и радикални ставови, фасцинирано од ултранационалистичката идеологија. Истрагата дополнително ги проверува овие сознанија, а полицијата од станот на напаѓачот заплени компјутер и носачи на податоци.

Трагедијата се случи на 7 ноември околу 15 часот кога напаѓачот возел автомобил кон плоштадот, една од најпознатите туристички атракции во Краков. Од возило во движење, тој отворил оган врз минувачите.