„Насилниците под чиј надзор се?“ – Стотици луѓе протестираат по убиството на Билјана од Богданци

Објавено:

„Насилниците под чиј надзор се?“, „Билјана побара помош од вас а вие дозволивте да ја убијат“, „Семејни вредности – ќотек и навреди“, „Не знаев дека е крвав натпревар, трето место во Европа“, – со вакви транспаренти стотици луѓе денеска се собраа на протест во Скопје, по убиството на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, која беше убиена од 21-годишниот поранешен партнер и покрај тоа што побарала помош од институциите.

Нема да не снема“, „Жени, живот, слобода“, скандираат демонстрантите додека се движат по улиците од Жена парк, каде што почна протестот, кон Министерството за образование. Министерството за правда беше „поздравено“ со свирежи.

Барања на демонстрантите

Маршот почна со молк, по што демонстратите истакнаа неколку барања: целосна и транспарента истрага за убиството на Билјана, да се утврди одговорноста со име и презиме на сите во институциите кои не постапиле во случајот на Билјана, итно поднесување и усвојување на законските измени за заштита од насилство, да се разрешат функционерите го поддржуваат семејно насилство, да се вратат родот и родовата еднаквост во учебниците.

„Држава што не казнува е држава што дозволува и е соучесник. Треба да ни биде јасно – патријархалното насилство не удира подеднакво врз сите. Најмногу ги погодува жените кои немаат каде да одат – без сопствен стан, кои немаат пари за адвокат, мајка со деца која знае дека ако си замине ќе заврши на улица, жена во село, работничка со минимална плата и пензионерка која живее сама. Сигурните куќи се малку, социјалната помош е понижувачка. Економската зависност е синџир, а државата го држи тој синџир под клуч“, рекоа говорници на протестот.

Говорниците потсетија на повеќе жени и девојчиња кои ги загубиле животите, нагласувајќи дека насилството врз жените не смее да се третира како изолиран инцидент.

„Во 2026 година убиени се седум жени. Пред неа беа Рамајана, Данче, Росица, Јамка, Марија и Ира. Беа Ивана и шестгодишната Катја, беше Ајнет. Тука сме затоа што политиките во оваа земја имаат последици и никој не одговара за нив“, порачаа демонстрантите.

Според нив, не може да се води борба против родово – базирано насилство додека политички се поткопува основата по која тоа се препознава.

„Во меѓувреме, што прави државата? Го отвора законот за спречување и заштита од семејно насилство, а измените чекаат.Од образованието го брише родот, родовата еднаквост и сексуалноста, од кои децата треба да учат за своите тела, граници, слободи и односи. И додека се случува сето ова, луѓе на јавни функции зборуваат за контрола над жените“, рекоа говорници на протестот.

Трагедија и покрај пријави и забрана за приближување

На 3 ноември, телото на Билјана беше пронајдено на 3 ноември во запален автомобил, додека телото на нејзиниот 21-годишен поранешен партнер, Виктор Гунтаров, беше пронајдено во непосредна близина. Според првичните сознанија од истрагата и Обвинителството, станува збор за убиство и самоубиство.

Овој случај предизвика револт во јавноста поради тоа што Билјана и нејзиното семејство подолго време минувале низ тортура и во неколку наврати пријавувале физичко насилство и закани од страна на Виктор. Првата официјална пријава до полицијата била поднесена на 30 септември, по што тој бил и приведен. Центарот за социјални работи поднел предлог и судот му изрекол на Виктор активни мерки за заштита и забрана за приближување до малолетната девојка.

И покрај изречените мерки и кривичните пријави во обвинителството, насилството не било спречено. Според неофицијални информации од медиумите, Виктор ја пречекал Билјана пред теретана во Гевгелија, ја натерал да влезе во автомобилот и ја одвел кон местото каде што се случи трагедијата.

Само ден претходно, Петар Богоевски, лидер на партијата „Македонски концепт“, во дебата на Канал 5 телевизија рече дека „феминизмот ги направил жените неадекватни“ и јавно застапуваше теза дека на жените им е потребен „машки надзор“. Јавноста и граѓанските активисти ги поврзаа неговите изјави со реалните последици од таквиот менталитет. Активистите посочија дека токму такви ставови за „машки надзор“ ги охрабруваат насилниците.

Протестот во Скопје беше во организација на неформалната иницијатива „Ниту една повеќе“. Претходно, граѓани протестираа и во паркот во Богданци.

Според официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи (МВР) објавени во ноември 2026 година, само во првите девет месеци од 2026 година се регистрирани 1.337 кривични дела за семејно насилство.

Според официјалните податоци на Евростат, Македонија е на третото место во Европа по стапката на убиства на жени од страна на нивните интимни партнери, со шест фемициди на еден милион жители.