Напаѓачот на шпанскиот второлигаш Тенерифе, Хесус де Мигел, почина денеска на 30-годишна возраст, еден ден откако доживеа срцев удар по судир со противнички играч на теренот, соопштија од клубот.
„Скршени од болка, со кнедла во грлото и неспособни да поверуваме дека ова е вистина, од ЦД Тенерифе ја објавуваме трагичната смрт на Хесус де Мигел Аламеда“, соопшти клубот, додавајќи дека во овие моменти не постојат зборови за утеха што би можеле да ја ублажат неизмерната тага.
Натпреварот против Андора беше прекинат во седмата минута од судиското продолжение, откако Де Мигел се сруши на теренот по судирот со гостинскиот голман Хесус Овоно.
Голманот истрча надвор од својот шеснаесетник за да ја расчисти долгата топка, при што со коленото го удри напаѓачот во градите.
Медицинската екипа му укажуваше помош на теренот повеќе од пет минути, по што со возило на Итната медицинска помош беше пренесен во болница.
Фудбалските клубови ширум Шпанија, меѓу кои Реал Мадрид и Барселона, упатија пораки со сочувство по веста за неговата смрт.
„Реал Мадрид сака да изрази сочувство до неговото семејство, соиграчите, клубот и сите негови најблиски“, објави Реал Мадрид во соопштението.
Сочувство изрази и Барселона:
„Нашите мисли и поддршка се со неговото семејство, пријателите и најблиските во овие тешки моменти“.


