Дваесет и едногодишниот, Даниел Николовски, фудбалер на тетовски Тетекс, го загуби животот во синоќешната тешка сообраќајна несреќа која се случи на патот од планинскиот превој Стража кон Гостивар.
Од Тетекс со емотивна порака се простија од младиот фудбалер, потсетувајќи на неговата поврзаност со клубот и на годините поминати како дел од тетовското фудбалско семејство.
„Ќе остане запаметен како дел од нашето Тетексово семејство и засекогаш ќе биде дел од историјата на нашиот клуб“, порачаа од ФК Тетекс.
Од клубот изразија длабоко сочувство до семејството, роднините, пријателите и сите кои го познаваа Николовски.
Николовски беше дел од фудбалското семејство на Тетекс уште од најмладите категории и ги помина сите младински селекции на клубот. Кариерата ја продолжи во сениорскиот тим, а минатата сезона тој го носеше и дресот на хрватскиот клуб Витез.
Деталите за околностите под кои се случила сообраќајната несреќа дополнително се очекува да бидат соопштени од надлежните институции.


