БИРН: Србија финансира здруженија од дијаспората што го поддржуваат Вучиќ

Објавено:

Од 2023 година, српското МНР дало 250.000 евра на вакви организации.

На 23 мај годинава, додека српските студенти одржуваа масовен антивладин протест во Белград, 400 километри појужно, во Куманово, се одржуваше поскромен собир. Додека студентите во Белград го изразуваа своето незадоволство од 14-годишното владеење на Српската напредна партија (СНС) и нејзиниот основач, српскиот претседател Александар Вучиќ, неколку стотици етнички Срби се собраа во Куманово, носејќи маици со слоганот на СНС „Србија победува.“

Собирот го организираше локалното граѓанско здружение наречено „Мир, слога, стабилност“, име што неверојатно потсетува на изборниот слоган на СНС од 2022 година – „Мир, стабилност, Вучиќ.“

„Овој собир се одржува со единствена цел да се покаже поддршка за претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, за да може да истрае на својот пат кон мирот, слогата и стабилноста“, изјави претседателката на здружението, Маја Денковска, за српскиот медиум „Њузмакс Балкан.“

Денковска не беше прашана за финансирањето на настанот, но 38 дена претходно, според „Нова економија“, нејзиното здружение добило 3.400 евра од Управата за дијаспора при српското Министерство за надворешни работи, за проекти поврзани со православието. Неколку недели подоцна, Управата им доделила уште 2.500 евра, за иницијатива за зачувување на кириличното писмо.

Според резултатите од ова истражување, од 2023 година, Управата за дијаспора на Србија исплатила најмалку 250.000 евра на организации на српската дијаспора во Македонија, Босна и Херцеговина и Србија, за кои БИРН утврди дека јавно ја промовираат СНС, ги повторуваат руските наративи, величаат воени злосторници или застапуваат десничарска реторика против таканаречената „родова идеологија.“

Наодите се чини дека ги потврдуваат предупредувањата на српското граѓанско општество за злоупотреба на државните средства за финансирање организации блиски до СНС, од кои некои немаат простории, вработени, ниту видливи активности.

И Министерството за надворешни работи и Управата не одговорија на барањата на БИРН за коментар.

Денковска одби да зборува, наведувајќи здравствени проблеми. Но, во текот на минатата година, таа повеќепати разговарала со провладиниот српски таблоид Информер, изразувајќи зачуденост како некој во Србија може да тврди оти е незадоволен од својата положба под власта на Вучиќ и СНС.

Всушност, во април минатата година, нејзиното здружение обезбедило бесплатни автобуси и сендвичи, за да ги однесе луѓето од Куманово во Белград, на провладин протест.

„Мир, слога, стабилност“ не е единственото здружение во Македонија што добило средства од Управата за дијаспора на Србија.

Како претседател на Заедницата на Србите во Македонија – Битола, Зоран Жугиќ редовно ги критикува протестите во Србија предводени од студентите и од српската организација за следење на изборите ЦРТА, а на интернет промовирал и содржини со кои се негира геноцидот врз Бошњаците во Сребреница, Босна, извршен од силите на босанските Срби во 1995 година.

Од 2023 година, Заедницата на Србите во Македонија – Битола, предводена од Жугиќ, добила 21.300 евра од Управата за дијаспора.

Тој негираше дека парите биле доделени за политички цели.

„Станува збор исклучиво за проекти поврзани со културата, фолклорот, одбележувањето историски датуми, спортските настани и слични активности што немаат никаква врска со политичките случувања“, изјави Жугиќ.

Српскиот културен центар – Скопје, чија претседателка Василка Китановиќ редовно објавува содржини на СНС, добил уште повеќе средства – 84.500 евра, од 2023 година. И Китановиќ не одговори на барањата на БИРН за коментар.

„Погубно влијание“

Внатре во Србија, Управата редовно насочува пари кон локални организации, кои тврдат дека ја поддржуваат српската дијаспора во регионот.

На пример, асоцијацијата „Изражајност“ добила вкупно 23.800 евра во периодот 2023-2024 година за два проекта за промовирање на употребата на кирилицата.

Со асоцијацијата раководи актерот Милан Босиљчиќ, кој во 2023 година беше меѓу бројните јавни личности што го потпишаа соопштението за поддршка на СНС.

Во 2024 година, Управата доделила 9.400 евра на здружението „Јеремија“, чија основачка е ќерката на Босиљчиќ, Сара, за организирање јазичен камп. Првиот проект на здружението, кој не бил финансиран од Управата, бил реализиран во соработка со „Солидарите Косово“, организација основана од Арно Гујон, кој во тоа време бил на чело на Управата.

Од 2023 година, Белградскиот центар за образование и развој на младите – ЦЕРОБ, добил речиси 34.000 евра од Управата, за младински кампови за дијаспора.

Кон крајот на 2023 година, Центарот за истражувачко новинарство на Србија (ЦИНС) објави дека активисти на СНС, задолжени да ги посетуваат гласачите и да ја бараат нивната поддршка, добивале пари во кеш, во белградската канцеларија на ЦЕРОБ.

Една година подоцна, претставникот на ЦЕРОБ, Огњен Кочевиќ беше именуван од српската влада за член на Управниот одбор на Институтот за евалуација на квалитетот на образованието.

Управата доделила и два гранта во вкупна вредност од 13.600 евра на Здружението на студентите на Република Српска во Србија.

За време на локалните избори во 2024 година, во Нови Сад, вториот по големина град во Србија, членови на здружението биле снимени како работат во телефонскиот центар на СНС на Новосадскиот саем, каде што партиските оперативци ги следеле списоците на гласачи за да бележат кој излегол да гласа

Минатата година, Управата доделила 8.500 евра на Здружението на воени ветерани на српските земји 1990-1999, за летни младински кампови. Претседателот на здружението, Жељко Вукелиќ, претходно предизвика негодувања во јавноста, кога во 2017 година испратил деца на возраст од 11 до 15 години на воени кампови за обука во Русија, каде што децата учеле да ракуваат со огнено оружје и со рачни гранати.

Ниту едно од горенаведените здруженија не одговори на барањата на БИРН за коментар.

Политикологот Душко Радосављевиќ изјави дека начинот на кој се распределуваат средствата ги одразува корените на СНС во ултранационалистичката Српска радикална партија, во која Вучиќ имал клучна улога за време на крвавиот распад на Југославија во 1990-тите, сè до 2008 година, кога се одвоил од неа и ја основал СНС.

„Не смее да се занемари дека овој режим уште од самиот почеток носи јасен идеолошки белег – крајно десничарска определба“, рече Радосављевиќ.

„Ова е режим чии корени се во Српската радикална партија, една од најозлогласените политички творби во Србија. Тој има погубно влијание, потхранувано од споровите со соседите, национализмот и поддршката за воени злосторства.“

Проруски и антиродови организации во Босна

Во Босна, дел од организациите поддржани од Управата учествувале во кампањи против ЛГБТК+ заедницата и против таканаречената „родова идеологија“, се спротивставувале на законите, чија цел е заштита на жените, се занимавале со историски ревизионизам и промовирале проруски наративи.

Една од нив, бањалучкото здружение „Србско сабрање Баштионик“ добило околу 34.000 евра во периодот од 2023 до 2025 година за шест проекти за промовирање на српскиот национален, верски и културен идентитет, како и за активности поврзани со Косово, поранешната јужна српска покраина, која прогласи независност во 2008 година.

Во август оваа година, Баштионик ги повика „патриотите“ да присуствуваат на помен на осудениот воен злосторник, босанскиот Србин Ратко Младиќ, нарекувајќи го „нашиот генерал.“

Со години, организацијата учествува на настани, чија цел е рехабилитација на водачот на српското националистичко четничко движење од Втората светска војна, а лани, заедно со руската медиумска куќа РТ Балкан, финансирана од Кремљ, беше коорганизатор на фестивал на документарни филмови.

Друга организација со седиште во Бања Лука, „Јадовно 1941“, добила повеќе од 13.500 евра за веб-страница посветена на зачувување на сеќавањето на жртвите од комплексот концентрациони логори Госпиќ – Јадовно – Паг, од Втората светска војна.

И „Баштионик“ и „Јадовно 1941“ воделе кампања против ЛГБТК+ настан во Бања Лука во 2023 година, а во 2024 година побарале повлекување на предлог-законот за заштита од семејно насилство и насилство врз жените, тврдејќи дека под изговор за заштита на жените ќе се воведе „родова идеологија.“

ЛГБТК+ настанот беше забранет, а истиот ден беа нападнати активисти и новинари. Потоа предлог-законот беше повлечен и повеќе не беше ставен на разгледување во парламентот.

Ниту „Баштионик“, ниту „Јадовно 1941“ не одговорија на барањата за коментар.

Тања Топиќ, политичка аналитичарка од Бања Лука, го опиша ваквото финансирање како дел од мешањето на Белград во политичките и општествените прашања во Босна. Според неа, поддршката на организации што водат идеолошки и политички кампањи служи за зајакнување на националниот идентитет и политичката лојалност.

„Невладините организации формирани од власта со години се присутни во политичкиот живот и на Србија и на Република Српска“, рече Топиќ. „Тие функционираат според истиот модел: како продолжена рака на властите, промовирајќи ги истите вредности и напаѓајќи ги независните организации на граѓанското општество под изговор дека ги бранат националните интереси.“

„Пораката што ја испраќа Србија, во најмала рака, е лицемерна – додека официјално го нагласува почитувањето на суверенитетот на Босна и Херцеговина, Белград истовремено финансира идеолози и стратези за кои независна Република Српска е само прашање на време, рече Топиќ.“

„На тој начин, Белград обезбедува лојални и посветени граѓани во друга држава, чии делови веќе ги смета за свои.“

Милица Пралица од невладината организација „Оштра нула“ со седиште во Бања Лука, која се залага за човекови права, социјална правда и култура на сеќавање, повика на поголема транспарентност при доделувањето на ваквите средства, нивниот надзор и оценувањето на резултатите.

„На Босна и Херцеговина не ѝ е потребна уште една арена за политичка и идеолошка борба за моќ што се води преку граѓанските организации“, рече Пралица.

„Она што ни е потребно се транспарентни критериуми, јавно достапни податоци и еднаква одговорност за секој што користи јавни пари, без оглед од која земја доаѓаат.“

„Затоа сметам дека не е случајно што противењето на правата на женските и ЛГБИ права,  националистичките наративи, историскиот ревизионизам и конкретните геополитички пораки постојано се испреплетуваат во активностите на одредени организации. Поврзувањето на овие елементи овозможува различни општествени прашања да се претстават како една голема битка за одбрана на загрозениот идентитет.“

Текстот е изработен за Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) и објавен на „Балкан инсајт“ (Balkan Insight). КОЛЕГИУМ.МК ја презема македонската верзија од БИРН – Призма. Автори на текстот се Драгана Прица Ковачевиќ, Дејан Рикита, Зорана Гаџовска Спасовска.