Неколку часа пред американските избори на средината од мандатот, Врховниот суд експресно го одби барањето на администрацијата на претседателот Доналд Трамп да се блокира броењето на гласачките ливчиња на повеќе од 20.000 регистрирани гласачи во Калифорнија, за кои федералните власти тврдат дека не се државјани на САД.
Ова претставува уште еден правен пораз за Трамп во момент кога Републиканците се борат да ја задржат контролата врз Конгресот. Калифорнија е најнаселената сојузна држава и, истовремено, упориште на Демократите.
Во пресрет на изборите, администрацијата на Трамп го насочи вниманието кон наводните лица кои не се државјани.
„Откако Калифорнија ќе ги измеша нелегалните со легалните гласачки ливчиња, нема начин како тие нелегални ливчиња да се издвојат“, наведе Министерството во поднесокот до судот.
Беше побарано Калифорнија да ги одвои спорните од неспорните гласачки ливчиња и да не ги брои додека не се утврди дали гласачите се државјани на САД.
„Ќе продолжиме да ги користиме сите можни правни средства за да го заштитиме интегритетот на нашите избори и да обезбедиме спроведување на федералните закони“, напиша на социјалните мрежи вршителот на должноста јавен обвинител, Трент Мекотер.
Според Уставот на САД, сојузните држави се одговорни за спроведување на изборите, иако федералната влада има овластување за надзор.
Во септември, Врховниот суд го одби барањето на администрацијата на Трамп за ограничување на гласањето по пошта, кое традиционално им оди во прилог на Демократите.
Министерството за внатрешна безбедност состави список од 20.000 гласачи кои ги смета за сомнителни и го испрати до властите во Калифорнија и во округот Лос Анџелес.
Во својот одговор до судот, Калифорнија тврди дека има воспоставено строги правила за да се спречи гласање на лица кои не се државјани, како и дека списокот на Министерството е неточен и полн со грешки.


