Надзорна расправа за „Алта банка“ во матичната собраниска комисија

Објавено:

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет ќе се одржи Надзорна расправа на тема „Причини за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“, на иницијатива на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

На седницата беше изгласан и заклучок во најкус можен рок да се одржи и заедничка координација со членовите и заменик-членовите на Комисијата за финансирање и буџет за утврдување на роковите, времетраењето и сведоците за надзорната расправа.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не се согласија со првичниот наслов за надзорната расправа, кој гласеше „Причини за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционална одговорност за измамата на граѓаните“.

Тие побараа насловот да биде без формулацијата „за измамата на граѓаните“.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска рече дека не може однапред да се констатира дека станува збор за измама на граѓаните.

„Ние не сме тука суд, односно вие не сте суд за да дефинирате дека се работи за некаква измама на граѓаните. Така што, доколку се согласувате овие крајни три збора да се отстранат од предлогот на темата на вашата иницијатива, тогаш секако дека ќе ја поддржиме“, рече Стојаноска.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски оцени дека случајот со Алта банка се разликува од оној со „Евростандард банка“, бидејќи, како што посочи, нема судски процеси и обвинение.

Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски нагласи дека е можен договор за формулацијата на насловот и потсети дека првичниот текст бил преземен од иницијатива за надзорна расправа за „Евростандард банка“.

  • „Насловот е препишан од вашата иницијатива за поведување на надзорна расправа за „Евростандард банка“. Ако тогаш како опозиција сте биле суд, тогаш дозволете и ние да бидеме таков исти суд. Но, прифаќам да седнеме веднаш да го договориме насловот и да ја поминеме точката“, рече Спасовски.
  • Пред два дена, Извршниот одбор на Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка, која е во стопроцентна сопственост на Давор Мацура. Медиумите со години го опишуваа како бизнисмен близок до Српската напредна партија (СНС) на поранешниот српски претседател Александар Вучиќ, иако нема потврда дека е нејзин член.
  • Откако Народната банка на Србија ја започна стечајната постапка, неправилности во работењето на „Алта група“ беа пријавени и во Северна Македонија и во Црна Гора.
  • Народната банка на Македонија воведе привремена управа во Алта банка Битола и ограничувања на исплати за граѓаните на 10.000 денари неделно. Во меѓувреме, се отвора и прашањето за судбината на парите на штедачите, како и за одговорноста за пропаѓањето на банката.

На овие случувања со Алта банка во Србија, а потоа и во Македонија, му претходеа информации изнесени во српската јавноста дека по поразот на Вучиќ и СНС на парламентарните избори на 25 октомври, се изнесуваат огромни суми на пари од оваа банка во Белград кон сметки на лица и фирми во Скопје и Москва.