Има четири потврдени случаи со морбили во Македонија од кои еден е странски државјанин и три македонски државјани од Велес, Штип и Скопје. Од домашните случаи две се бебиња под 12 месеци и еден е на возраст над 40 години. Во сите три случаи станува збор за невакцинирани лица. Бебињата до 12 месеци не се опфатени со вакцината и нив треба да ги заштитите со вакцинација на сите во околината, изјави денеска министерот за здравство, Сашо Клековски.
Тројцата македонски државјани не патувале во странство и затоа ги испитуваат можностите за поврзаност дома во Македонија. Едното бебе кое било хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести, е пуштено е на домашна нега.
Засега не се знае дали овие случаи се поврзани, за што центрите за јавно здравје прават епидемиолошки анализи.
Клековски рече дека услови за прогласување епидемија во моментов нема.
- „Имаме први случаи и тоа што го правиме во услови на епидемија во Косово и на Бугарија е да повикуваме на претпазливост кај граѓаните и кај институциите. Во однос на граѓаните, вакцинирајте се, проверете дали имате две дози на вакцината или дали сте ја прележале болеста. Ова посебно го апелирам до здравствените работници, бидејќи тие се во контакт и се најризични. Во однос на граѓаните, доколку имате температура и осип, јавете се на доктор“, рече Клековски.
Епидемија на морбили е прогласена во Косово и во Бугарија.
Вакцинација против мали сипаници се спроведува континирано и задолжително со две дози на МРП-вакцина. Првата треба да се даде на првата година од животот на детето. Ревакцинацијата е на шестгодишна возраст. За колективен имунитет, неопходно е опфатот со вакцинација да биде најмалку 95 проценти.


