„ДУИ, СДС, Левица и за жал ВРЕДИ како тројански коњ од една страна, а ВМРО-ДПМНЕ од другата страна. Ние сами против сите“, се вели во соопштението од ВМРО ДПМНЕ по вчерашните избори за градоначалник на општина Брвеница.
Сепак, благодарение на довербата која ни ја дадоа, имаме значителен раст на бројот на гласовите кои, за жал, не беа доволни за Јованчо Радичевски да биде избран за градоначалник, се додава во текстот.
„Тоа што предизвикува особена жал е што нашиот коалициски партнер, ВРЕДИ ја пропушти можноста во Брвеница да биде поразличен од ДУИ и да се издигне над етничкиот национализам, со што се покажа дека исто како и кандидатите на СДС и Левица беа тројански коњ во корист на ДУИ“, соопшти владејачката партија.
Од друга страна, во СДСМ сметаат дека Мицкоски се обидува да си обезбеди алиби за предвремени избори.
„Наводната кавга со ВЛЕН поради губењето во Брвеница е само димна завеса. Oпштина не може да биде покритие за голем проблем како Алта банка“, се вели во соопштението од партијата.
Оттаму истакнуваат дека немањето пари во буџетот е доказ за хаосот во кој сега се наоѓа оваа банда на власт.
„Парите веќе не стигнуваат ни за пензии. Она што му останува на Мицкоски, без да признае, се вонредни избори и теми што ќе бидат националистички и популистички. Поделба на народот. Сеење меѓунационална омраза. Граѓаните гледаат. Касата се празни. Бандата се тресе. Алибито со Брвеница не држи“, се наведува во соопштението на опозициската партија.
Во Левица, пак, ја нагласуваат неспособноста на ВМРО ДПМНЕ за политички проценки.
„Партија на која дури сега ѝ станало јасно политичкото дејствување на ВРЕДИ и која е до тој степен затечена што сопствениот коалициски партнер го нарекува тројански коњ, сама отвора сериозни сомнежи во сопствениот политички сенс. Како раководство кое тврди дека не успеало да ги прочита намерите на партијата со која секојдневно ја дели власта, може да ја уверува јавноста во исправноста на своите државнички проценки?“, се вели во соопштението на Левица.


