На вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Брвеница гласале 7902 избирачи, или 48,64 отсто од вкупниот број запишани гласачи, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
Со тоа, веќе е надмината вкупната излезеност од првиот круг, кога гласале 7 572 граѓани, односно 46,58 отсто од запишаните избирачи.
До 17 часот денеска гласале 330 избирачи повеќе отколку во целиот прв круг. Гласањето трае до 19 часот.
Граѓаните избираат меѓу кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски и на ДУИ, Аркин Јахиј, кои освоија најмногу гласови во првиот круг што се одржа на 18 октомври. Тогаш Радичевски освои 2.943 гласа, додека Јахиј доби поддршка од 2.152 гласачи.
На третото место заврши Јакуп Хусеини од ВЛЕН. Toj освои 1.528 гласа, а четврти беше Јовица Радески од СДСМ и коалицијата со 706 гласа. Зад нив беа независните кандидати Душан Богдановски со 55 гласови и Арифе Идризи со 21 глас. Во првиот круг имаше 160 неважечки ливчиња.
Предвремените локални избори во Брвеница беа распишани по ненадејната смрт на претходниот градоначалник Јовица Илиевски. Бидејќи никој од шесте кандидати за градоначалник што учествуваа во првиот круг не го доби потребното мнозинство, се одржува втор изборен круг.


