Се гласа во Брвеница, излезноста до 13 часот е 27,81 отсто, повисока од првиот круг

Објавено:

Вкупно 4.518 избирачи до 13 часот гласале на вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, што е 27,81 отсто од вкупниот број запишани гласачи, соопшти Државната изборна комисија(ДИК).

Според податоците доставени до ДИК од сите 24 избирачки места, излезноста е за 7,31 отсто повисока во споредба со првиот круг од изборите во Брвеница што се одржаа на 18 октомври годинава.

Во однос на заштитата на избирачкото право, до 13 часот до Комисијата бил поднесен еден приговор, кој бил усвоен, по што на гласачот му било овозможено гласа.

Следниот пресек на излезноста и текот на гласањето ДИК ќе го соопшти на прес-конференција во 15.30 часот.

Жителите на Општина Брвеница денеска гласаат во вториот круг од предвремените избори за градоначалник, за да одлучат кој ќе ја води општината во наредниот мандат.

Граѓаните избираат меѓу кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски и на ДУИ, Аркин Јахиј, кои освоија најмногу гласови во првиот круг што се одржа на 18 октомври. Тогаш Радичевски освои 2.943 гласа, додека Јахиј доби поддршка од 2.152 гласачи.

На третото место заврши Јакуп Хусеини од ВЛЕН. Toj освои 1.528 гласа, а четврти беше Јовица Радески од СДСМ и коалицијата со 706 гласа. Зад нив беа независните кандидати Душан Богдановски со 55 гласови и Арифе Идризи  со 21 глас. Во првиот круг имаше 160 неважечки ливчиња.

Предвремените локални избори во Брвеница беа распишани по ненадејната смрт на претходниот градоначалник Јовица Илиевски. Бидејќи никој од шесте кандидати за градоначалник што учествуваа во првиот круг не го доби потребното мнозинство, се одржува втор изборен круг.

Предизборната кампања во голема мера беше насочена кон локалните проблеми- патиштата, водоснабдувањето, канализацијата, училиштата, комуналните услуги и можностите за младите. Политичките претставници порачаа дека не треба да има поделби по етничка линија и дека граѓаните треба да гласаат според програмата на кандидатите.

Брвеница е општина која се наоѓа во Полошкиот регион, која до 1996 година беше составен дел од Општина Тетово.

На пописот во 2021-та, во Брвеница се попишани вкупно 18.319 лица од кои 13.645 се резидентно население.

Од резидентното население, најбројни се Албанците – 7.737, Македонци се 5.715. Остатокот се од други етнички заедници или се лица за кои нема податок за етничката припадност.