Втор круг избори во Брвеница: Кој ќе ја води општината?

Објавено:

Жителите на Општина Брвеница денеска гласаат во вториот круг од предвремените избори за градоначалник, за да одлучат кој ќе ја води општината во наредниот мандат.

Граѓаните избираат меѓу кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски и на ДУИ, Аркин Јахиј. Во првиот круг Радичевски освои 2.943 гласа, додека Јахиј доби поддршка од 2.152 гласачи.

На третото место заврши Јакуп Хусеини од ВЛЕН. Toj освои 1.528 гласа, а четврти беше Јовица Радески од СДСМ и коалицијата со 706 гласа. Зад нив беа независните кандидати Душан Богдановски со 55 гласови и Арифе Идризи  со 21 глас. Во првиот круг имаше 160 неважечки ливчиња.

Вкупно 104 болни и немоќни лица и осум лица кои се наоѓаат во казнено-поправните установи го оствариле своето право на глас во пресрет на вториот круг. Од Државната изборна комисија (ДИК) соопштија дека гласањето во текот на денот се одвивало без проблеми и дека на сите гласачи им била овозможена непречена и слободна реализација на правото на глас.

Неделното гласање ќе одлучи кој ќе ја преземе општината во периодот по смртта на Илиевски и кој од кандидатите ќе добие мандат да ги реализира ветените проекти. Во фокусот остануваат локалниот развој, квалитетот на општинските услуги и политичките односи што се пресликуваат и на национално ниво.

Предизборната кампања во голема мера беше насочена кон локалните проблеми- патиштата, водоснабдувањето, канализацијата, училиштата, комуналните услуги и можностите за младите. Политичките претставници порачаа дека не треба да има поделби по етничка линија и дека граѓаните треба да гласаат според програмата на кандидатите.

Брвеница е општина која се наоѓа во Полошкиот регион, која до 1996 година беше составен дел од Општина Тетово.

На пописот во 2021-та, во Брвеница се попишани вкупно 18.319 лица од кои 13.645 се резидентно население.

Од резидентното население, најбројни се Албанците – 7.737, Македонци се 5.715. Остатокот се од други етнички заедници или се лица за кои нема податок за етничката припадност.