Не е лесно, но вреди: Вангелина Пармачка, светски признатата земјоделка од Малешевијата

Објавено:

Вангелина Пармачка од беровското село Будинарци е една од „100 жени херои во агро-прехранбените системи и руралниот развој“ кои неодамна добија признание од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации. На Светскиот форум за храна во Рим, таа ја претстави Македонија и докажа дека трудот и посветеноста на жените во оваа професија, се вреднува.

Работниот ден на земјоделката Вангелина Пармачка започнува во 5 часот наутро. По првото утринско кафе, следува молзење на овците, по што почнува процесот на правење сирење. Работа има и за нејзините работници и за членовите на семејството, кои ги обработуваат нивите и се грижат храната што ја добиваат животните да биде од органско потекло.

Во малото беровско село Будинарци, сместено во малешевскиот регион веќе неколку години, фармата на Валентина, работи успешно. Таа брои 600 овци, а овчото сирење кое таму се произведува е брендот со кој Валентина се гордее. Во разговор за Колегиум.мк вели дека сточарството и е професија, со која се запознала уште како дете.

„Јас сум родена во сточарско семејство, а потоа кога се омажив, исто така и сопругот беше од земјоделско семејство. Немаше тогаш вработувања, друго време беше…Со сопругот создадовме семејство со три деца и оваа работа ја започнавме како најсигурна егзистенција за млеко, за сирење, најпрво за да имаме колку за дома. Имавме дваесетина грла овци, бевме едно мало земјоделско семејство. Имавме неколку ниви, па си ги преработувавме за храна на нашите овци. Млади бевме, вредни, работевме, имавме енергија“, се сеќава Вангелина.

Со многу труд и посветеност во работата, фармата бележи постојан раст, а со тек на годините не изостанале и резултатите. Во оваа мала семејна фарма годишно се произведува до 20 тони млеко, а сирењето се продава од куќниот праг и низ рестораните.

Вангелина Пармачка, фото Фејсбук/Вангелина Пармачка
Вангелина Пармачка, фото Фејсбук/Вангелина Пармачка

Упорноста се исплати

Валентина признава дека не е лесно. Ниту пак било. Имало денови во кои физичкиот умор и непредвидливите проблеми предизвикувале чувство на тага и немоќ, кога малку и требало за да се откаже. Но, желбата да создаде нешто свое, и да покаже дека жените-земјоделки во руралните средини можат да бидат подеднакво успешни како и тие кои работат друга функција, ја туркале напред.

„Земјоделската работа е напорна, затоа сите бегаат не само од земјоделието, туку и надвор од државата и секој што го напуштил земјоделството тешко се враќа на него. Тука треба многу упорност, издржливост, знаење, вештини. Еве на пример, се случуваат големи климатски промени последниве години. Тоа многу влијае на производството, влијае прво на самите нас, потоа на стоката, на посевите, на ливадите, на нивните. Значи имаме многу предизвици со коишто ние треба да да се справиме, да истражуваме, да учиме, да внимаваме што, како и каде“, раскажува Вангелина.

„Каменот си тежи на своето место“

Покрј работата на фармата, Вангелина е и членка на Управниот одбор и координаторка на Мрежата на жени фармери при Националната федерација на фармери (НФФ). Таа се залага за повеќе права и подобри услови за работа на руралните жени. Како една од нив, вели дека најдобро ги разбира и апелира на поголема поддршка за нивната работа. Пари, сопственост на земјиште, знаење, инситуционална поддршка – сето тоа им е потребно на земјоделките, истакнува Вангелина.

„Потребна е едукација, во секој сектор кој се работи, постојано има нешто ново, некакви иновации…На нас жените ни е потребно модернизација на тоа што го работиме, за да си ја олесниме работата, особено сега кога се соочуваме со недостиг на работна рака. Исто така многу е важна и финансиската поддршка. И треба да се инвестира, мислам дека државата треба да инвестира повеќе во земјоделскиот сектор како што се инфраструктура, струи, води, заштита од климатски промени. Значи индивидуално е на кој што му треба, зависи што работи, но помошта и тоа како е повеќе од потребна“, вели Вангелина.

Инаку, светската иницијатива „100 жени херои во земјоделско-прехранбените системи и руралниот развој“ на ФАО препознава 100 жени од целиот свет кои тивко, но упорно работат во полињата и руралните средини за да обезбедат одржливост и исхрана за сите.

Валентина е горда што ја препознале како една од 100-те, а на другите жени земјоделки им порачува да издржат и да не се откажуваат во борбата за повеќе права.

„Им порачувам да бидат и како што се упорни и издржливи и кога ќе дојдат некогаш тешки моменти да не се разочаруваат и да не се откажуваат и секојдневно да си ги бараат своите права, како што се право на имот, право на достапност до финансиски средства, право на сопствени одлуки во стопанството, право на сопствено размислување, затоа што жената како жената е столбот на семејството, а на крајот секој труд ќе вроди со плод“, заклучува оваа земјоделка.

Својата иднина Вангелина ја гледа дома, во родното Будинарци, на фармата на која го поминува најголемиот дел од денот. Се радува што семејниот бизнис ќе продолжат да го работат нејзините деца, кои како и таа, научиле дека „каменот си тежи на своето место“ и дека задоволството од сопствениот успех, нема цена.