Зимата доаѓа

Објавено:

Тоа значи смрзнување на македонската културна сцена. Не дека нема настани и ништо не се случува, туку тие настани се одвиваат во вонредни услови, да не речам во сали чија температура не постигнува двоцифрен број на скалата по Целзиус. Буквално смрзнување. Условите ужасни и за изведувачите и за публиката.

Ко за беља, во тој период најмногу закажани настани.

Логично, резултатите од конкурсите на Министерството за култура излегуваат во март, договорите се склучуваат во април, подготовката на настаните трае од мај до септември и ете го доаѓа периодот за реализација, септември – декември во тековната година.

Па тука летаат фестивали, изложби, театарски премиери, литературни промоции… сето, и квалитетно и шуто и рогато во еден кош. Сите што се дочепале до дел од колачот наменет за финансирање проекти од национален интерес.

Кога ќе ја погледнеш програмата од септември до декември, ќе си речеш ова е држава која сериозно вложува во култура и има сериозен план и стратегија за развој на културата…

Е тука се заеб… сега се враќаме на ладното, на зимата…

За жал, токму во овој период времето на северната полутопка заладува, доаѓа колекција есен-зима и ги руши сите илузии за стратегијава и планов.

И тука пристигаат проблеми… Институциите немаат пари да ги подмират долговите или доцнат со набавките на потребните ресурси, па одлучуваат во овој период или да реализираат програма во вонредни(нехумани) услови или да стават клуч на врата, па за програма да почекаат некои подобри, потопли времиња.

И сега доаѓаме во временски теснец или временска непогода. Во периодот во кој културната презентација треба да биде најекспонирана, мака се мачи со наоѓање пристојно место за реализација на активностите.

Паѓа во вода целата слика за плодноста на сцената, идејата за развој на културата и плановите за нејзин раст.

Едноставно, во Македонија, во 21 век, уметниците и публиката се оставени да „се дружат“ во простори во кои нема греење. Човечка придобивка чија временска полза се мери во илјадници години.

Се разбира, и тука има исклучоци или добри примери, како милувате, институции кои редовно ги сервисираат своите обврски и обезбедуваат соодветни услови за реализација на програмски активности.

Но, наместо да се следат, наградуваат и мотивираат добрите примери да работат уште подобро, државата спроведува политика на демотивација, замижувајќи пред кадрите кои не се способни да обезбедат соодветни услови за функционирање.

Прелесно се откажува од функционирање на институција во која на годишно ниво вложува милиони од државниот буџет.
Во која нормална земја со леснотија се прифаќа фактот дека една институција нема да работи во периодот од Ноември до Февруари, само затоа што нема греење?

Во која нормална земја воопшто, нема греење во една институција во текот на зимскиот период?

Во никоја. Во никоја нормална земја.

Има две решенија на овој проблем. И двете се прости.

Првото е попросто. Министерството за култура да ги донесе одлуките по распишаните конкурси во првата половина на јануари, па да имаат авторите простор за подготовка и реализација на настаните и во сезона пролет-лето. Така ќе се заштеди на зимскиве месеци.

И второто, најверојатно понепросто. Едноставно државните институции да си ги сервисираат долговите, а државата да се погрижи на одговорни позиции да поставува луѓе како во горенаведениот позитивен пример. Да ги направи институциите попрофесионални и одговорни.

Тоа ваљда звучи ко некој план? За стратегија ќе збориме покасно.

Чекор по чекор.

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.