Рент-а-институшн

Објавено:

Минатата недела бевме сведоци на скандал, кој во суштина не е отстапка, туку е пракса во светот на македонското институционално постоење.

Изнајмувањето на просторот, на можеби најрепрезентативниот споменик во државава, споменикот Македониум во Крушево, за снимање музички спот на едикојси поп-изведувач, предизвика реакции во јавноста.

Јавноста со право побара, а богами и доби оставка на одговорното лице на историскиот музеј во Крушево, институција која управува со конкретниот споменик/објект.

Но проблемот ниту почнува, ниту завршува тука.

И во минатото сме биле сведоци на класичен „рент“ на државните и локалните институции од областа на културата, за настани кои воопшто не биле соодветни, па дури и биле срамни за реномето на установи од областа на културата.

Од партиски митинзи, секташки и религиозни собири, до квази-естрадни настани, сите пронаоѓале засолниште во четири ѕида државен имот, потпирајќи се на катастрофални менаџерски одлуки кои воопшто немаат здрав разум и познавање од областа на менаџирање со јавното добро.

Коренот на проблемот се детектира во два основни сегменти.

Првиот, неквалитетен кадар на чело на институциите, непознавање на суштината на работата, задачите и обврските на тие институции, од страна на луѓето кои ги менаџираат истите.

И вториот, катастрофалните законски одредби кои раководителите на институциите брутално ги користат за да го прикријат нивното незнаење и некреативност, па истите „по слово на законот“ пробуваат да спроведат стерилни правилници, кои функционираат на принципот „плати, па … терај“.

Двата потенцирани проблеми нè водат кон една „глава“, самиот врв на државните органи, Министерство за култура, локалните власти и државната стратегија за работа и функционирање на установите од областа на културата.

Државата, наместо да го мотивира менаџментот на институциите да селектира, креира и продуцира квалитетна содржина, со цел да воведе ред кај недоверливите (но, партиски подобни) кадри на чело на институциите, законски го „форсира“ раководниот кадар да носи правилници по кои се издава просторот за профит. Небаре тоа е основата на постоењето на институциите формирани од државата!?!? И сето тоа незнаење поткрепено со фраза: Да не би било утре, за Петко е поевтино од Станко, пошто Петко му е партиски или кафански другар на директорот …

Тука има и некоја логика … На властодржците им е јасно дека нивниот кадар е корумпиран и произведува корупција по дифолт, па треба да најдат одреден механизам за контрола. НО! Секогаш има едно НО, логиката престанува во моментот кога истиот правилник сурово се применува, не внимавајќи дали неговата несмасна примена штети на основната дејност и функција на институцијата.

Основната дејност и функција на институциите од областа на културата секако е продукција на програма и „вдомување“ на уметници кои продуцираат квалитетна содржина.

За таа цел, институциите имаат вработено луѓе, уредници, стручни соработници и останат соодветен кадар, кои треба да проценат која програмска содржина има уметничка вредност и квалитет, како би се реализирала во нивната институција. Тоа се луѓе кои треба да бидат катализатор на активностите и низ нивниот стручен скенер би требало да поминат дури и содржините за кои просторот е издаден во одреден комерцијален контекст.

Впрочем, затоа овие луѓе се вработени и се на товар на државниот буџет. Што по ѓаволите би ги плаќал народот од даноци и останати давачки, доколку нивното постоење е само фигуративно и тие се само дел од државниот апарат, а нивните одлуки ги носи инсталиран директорски апаратчик чии компетенции се сведуваат на спроведување тендерска постапка.

На овој начин законот е применет, институцијата „сркнала“ дополнителен приход, техничкото особје е дополнително финансиски појачано, организаторот си нашол простор за реализација на својата „булшит“ програма и сите се среќни и весели.

Сите, освен квалитативниот параметар кој треба да го испорачаат институциите. Она суштинското, за кое се платени и поддржани од државата, од даночните обврзници, од сите нас.

Сите среќни, само колективното/општото добро уништено и девалвирано!

Така не се гради квалитет другари. Така не се гради ни идентитет, за кој толку многу џавкаме.

На тој начин се уништува и тоа што е финансирано од државата, на тој начин се девалвира културниот идентитет на една нација.

Тоа е показател за вистинско немање стратегија за развој на културата и културните политики. За немање идеја и насока за раст на културниот сектор и поддршка на младите автори.

Ако културата ја сведеме на ниво на рентање на простор во институциите, тогаш каде ќе имаат можност нашите креативци да се изразат и каде ќе има можност нашата публика да види стварно квалитетна домашна и интернационална програма?

Ретко и никаде! Барем не во институциите кои се изградени за таа намена.

Пошто пиперот …? Пошто сценава …?

Исто … отприлика.

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.