Медведев по апсењето на Звинчук: На сите Руси им е објавен лов

Објавено:

Русија веројатно ќе мора да го пополнува својот „фонд за размена“ со Европејци и Американци за да може да ги ослободува своите граѓани приведени во Европа, изјави денеска заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, по апсењето на познатиот руски воен блогер Михаил Звинчук во Црна Гора.

Звинчук, раководител на руската информативна мрежа „Рибар“ и поранешен вработен во руското Министерство за одбрана, беше уапсен утрово во градот Рисан близу Котор во акција на црногорските безбедносни служби.

„Сега, сосема е можно дека ќе мора да го пополнуваме фондот за размена со Европејци и Американци за да ги извлекуваме нашите, напиша Медведев, поранешен претседател и премиер на Русија, на својот канал на апликацијата Телеграм.

„Нема друг начин: кога живееш со волци, урлаш како волк“, додаде тој.

Медведев оцени дека Русите грешат кога патуваат во европските земји, дури и кога имаат добри намери и важни цели.

„Потенцијално, на сите Руси, и нагласувам – на сите, им е објавен лов. Не ги спасуваат ниту визите, ниту поканите, ниту какви било гаранции. Може да биде уапсен секој, особено ако ја кажува вистината за западните земји и Европската Унија“, напиша Медведев.

Руските дипломати ќе ги утврдат причините за приведувањето на Звинчук во Црна Гора, соопшти портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во изјава за телевизискиот канал „Ѕвезда“.

„Нашите дипломати ќе ги разјаснат причините за приведувањето и, како и во случаите со сите руски државјани, ќе се зафатат со заштита на неговите права“, изјави Песков.

На 9 октомври, од „Рибар“ потврдија на Телеграм дека основачот на оваа мрежа, Михаил Звинчук, и неговата сопруга се приведени во Црна Гора, заедно со други руски државјани. Според мрежата „Рибар“, сите тие „легално престојувале во Црна Гора и снимањето на Цетинскиот манастир било планирано, за што претходно било поднесено официјално барање“.

За време на војната со Украина, „Рибар“ стана еден од највлијателните проруски воени канали на Телеграм со повеќе од 1,3 милиони следбеници.

Михаил Звинчук е под строги санкции од Европската Унија, САД, Велика Британија и други западни земји од 2023 година.