За хонорари за артистите и изведувачите биле потрошени речиси 38 отсто од вкупните пари потрошени за прославата на 35 години од независноста на Македонија, покажува извештајот што организаторот „Стардаст“ ДООЕЛ Скопје односно Авалон Продукција го доставил до Владата и до Државна лотарија.
Целата прослава чинеше 340.509.749 денари (нешто повеќе од 5,5 милиони евра). Од таа сума, најголема ставка – 129.307.500 денари (околу 2,1 милион евра) завршила за хонорари за артистите и изведувачите, вклучително и за Дејвид Гета со чиј настап на 8 септември кулминираше прославата.
Дополнително на ова се „хонорари за соработници“ за кои се потрошени 53.570.250 денари (околу 870 илјади евра).
Кој артист колку добил – останува тајна
Колку конкретно бил платен светски познатиот диџеј Дејвид Гета или некој од македонските артисти за концертите што беа организирани низ повеќе градови, ќе остане тајна. Од Државна лотарија тврдат дека и тие ги немаат тие бројки односно дека договорите ги поседува само организаторот, во случајот Авалон.
„Тоа се нивни меѓусебни облигациони односи врз база на комерцијални договори кои си имаат одреден степен на доверливост. Тоа се нивни итерни договори кои тотално во сума се пренесени во извештајот“, изјави директорот на Државна лотарија, Александар Климовски.
Останатата сума до 5,5 милиони евра, била потрошена на: продукциски потреби – 96.272.512 денари (1,5 милиони евра); логистички трошоци – 58.527.037 денари (950 илјади евра); и маркетинг – 2.832.450 денари (46 илјади евра).
Експресна постапка: Како Лотарија успеала во еден ден да ја добие и избере понудата
Државна лотарија, чиј единствен акционер е Владата, беше задолжена од власта да ја спонзорира прославата за јубилејот од 35 години независност. 5,5-те милиони евра, според задолжението од власта, ги одвои од дивидендата од 2024 година.
Таа го распиша повикот, а едно од неколкуте спорни прашања беше како избрала токму „Стардаст“ ДООЕЛ Скопје да ја добие организацијата со оглед дека понудата била избрана истиот ден кога пристигнала.
„Се работеше за само една понуда. Во текот на целиот работен ден, што е проблем да се собере еден тим и да ја разгледа понудата? Особено кога имате и стручна комисија до вас да ви каже дали ги исполнуваат или не условите. Се работи за цел тим, не за еден човек. Секој во својот домен ја разгледа понуда, немаше друга понуда. Утврди дека сообразува со барањата утврдени во нацрт записникот од Владата и немаше никаков проблем да утврдиме дека се исполнети сите барања за овој настан“, вели Климовски.
„Стардаст“ ДООЕЛ Скопје е фирма преку која во конкретната постапка настапува „Авалон Интернешнл Букинг“.
Од Владата претходно објаснуваа дека „Авалон Интернешнл Букинг“ е трговска марка под која е препознатлива дејноста, додека „Стардаст“ ДООЕЛ Скопје е правниот субјект кој е носител на таа дејност и на кој е пренесен трговскиот знак.
Директорот на Државна лотарија беше дециден дека парите се исплатени откако била избрана понудата, но не даде одговор на прашањето како е можно во рок од четири дена во мај (8 до 12 мај) да биде букиран Дејвид Гета ако за истиот изведувач кој веќе бил во Македонија, праксата покажувала дека е потребно да се резервира барем 5-6 месеци однапред.
Колку музичари и настани имаше за независноста?
Настапот на Гета на 8 септември беше кулминација на целата прослава што започна околу еден месец претходно.
На Националната арена „Тодор Проевски“ тој настапи со своето „The Monolith Show“, а проценките се дека на концертот имало околу 50.000 посетители. Картите се продаваа за симболична сума од 35 денари.
Но, целата прослава опфати 18 настани во 13 градови низ Македонија. Најголем дел од нив беа преку национален музичко-сценски караван, наречен „Силно светнал ден“. За него беа ангажирани 41 пејач од земјава, 20 танчари, актери, како и оркестар од 15 музичари.
Друг дел од програмата беше заеднички настап на светски познатиот Жозе Карерас со македонски музичари.
„Беше опфатен широк спектар – од традиционални и етно-музички влијанија, преку рок и алтернативна сцена, до современи урбани и популарни музички изрази. Во меѓународниот сегмент се реализираа и настапите на светски познатите артисти Paul van Dyk и Paul Oakenfold во Струмица. Со нивното вклучување се прошири меѓународниот опфат на програмата, а истовремено се потврди и определбата големи музички настани да се организираат и надвор од Скопје“, рече портпаролката на Владата, Марија Митева, на заедничка прес-конференција со Климовски.
Презентацијата на извештајот, вклучително и на потрошените парите по категории, од Владата и Државна лотарија ја направија откако добиле извештај од 81 страница од организаторот на прославата, но и по низата критики и сомнежи што беа покренати во јавноста, вклучително и од опозицијата, за транспарентноста на трошењето на државните пари.


