Дали ти изгледам како идиот? – Дејвид Гета „меѓу“ парите, безбедноста и независноста на Македонија

Објавено:

Дали ти изгледам јас како идиот? – одговори сопственикот на „Авалон продукција“, Бобан Милошески, на новинарско прашање „зошто досега не е објавено во јавноста колку ќе чини настапот на Дејвид Гета како дел 35-годишнината од независноста на Македонија“.

Ова прашање, и одговорот на него, беа дел од денешната прес-конференција на Авалон Продукцијаи Министерството за внатрешни работи (МВР) за безбедносните протоколи и организацијата на утрешниот концерт на светски познатиот ди-џеј, со кој ќе се заокружи прославата на 35-годишнината од независноста на државата.

Како организатор на музичките настани кои траат неколку недели, а ќе кулминираат утревечер во Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, Милошески од новинарката на „Слободен печат“, Мирослава Симоновска, беше прашан: „Зошто досега не е објавена сумата на договорот, дали има клаузула што го спречува тоа?“

Молошески: Провокација

Сопственикот на „Авалон“ на почетокот на одговорот, возврати со: „Дали ти изгледам јас како идиот? Јас кажав за што е пресот, имате да поставите прашање во контекст на пресот?“.

Откако новинарката рече дека тоа е прашањето, Милошески продолжи наведувајќи дека прес-конференцијата е во функција на безбедноста и организацијата на концертот на Дејвид Гета, додека за она за што се интересира претставничката на еден од медиумите што го следеа пресот, треба да одговорат од Владата.

„Ова прашање е неколку пати поставувано на другите прес-конференции, на претставниците на Владата коишто треба да одговорат на тоа прашање. Јас не сум тој што треба да одговори на ова прашање, јас сум организатор на концертот на Дејвид Гета“, рече тој.

Дополнувајќи се во одговорот, Милошески прашањето го оцени како провокација, која според него е непотребна бидејќи, како што додаде, повеќе пати било кажано кога ќе биде објавена финансиската конструкција за овогодишната прослава на Денот на независноста.

За „влезниците и нараквиците“

На прес-конференцијата, сопственикот на „Авалон“ го спореди концертот на Дејвид Гета во Скопје со оној на американската рок-музичка група „Металика“, одржан во мај годинава во Атина, правејќи во тој контекст споредба меѓу големината на двата града и инфраструктурата со која располагаат. Овие два концерти тој ги оцени како најголеми на Балканот.

„Кога работиме на ниво како што е ова шоу на Дејвид Гета, Full Monolith Stadium Show, се разбира дека има многу правила и многу протоколи коишто ние ги имаме прифатено при самото потпишување на договорот, затоа што на крајот на краиштата правиме шоу за 50 000 луѓе коешто на продукциско ниво, со цела морална одговорност тврдиме дека покрај шоуто на Металика во Атина, во мај месец оваа година, ова шоу е најголемо шоу на Балканот. Нема шоу за 50 000 луѓе. Е сега тука имаме еден проблем, Атина како град е колку две-три Македонии, стадионот таму е исто така многу поголем и многу понов, и сега на нас е со најдобра можна организација и координација да се потрудиме да им овозможиме на посетителите што е можно полесно и поквалитетно да присуствуваат на овој настан“, рече Милошески.

Во тој контекст, сопственикот на „Авалон“ се осврна и на замената на влезниците со нараквици. Рече дека ако немало замена на влезните со нараквици, концертот воопшто немало да се одржи. Како што објасни, тоа било договорена обврска.

Последни објави