Потрошени 340 милиони денари за државниот јубилеј, парите од „Лотарија“ не биле буџетски

Објавено:

Триста и четириесет милиони денари. Толку вкупно чинела прославата на државниот јубилеј за 35 години независност, кој беше одбележан со серија културни настани и концерти низ државата. Од оваа сума, 300 милиони денари е дивиденда на „Државна лотарија“, а околу 40 милиони денари донации од „општествено одговорни компании“.

Владата тврди дека од целата сума, ниту еден денар не е од парите на граѓаните.

Во согласност со заклучокот од 167 седница на Владата, со кој се утврдиле конкретните активности што треба да се реализираат во рамките на прославата, на „Државна лотарија“ ѝ било укажано да обезбеди средства од нераспределената добивка предвидена за 2024 година, и тоа во висина од 300 милиони денари за спонзорирање на настаните, но и да објави јавен повик за прибирање понуди за реализација на спонзорираните настани.

„Ќе ми дозволите тука да направам една важна споредба, со Перпарим Бајрами, Артан Груби 8,2 милиони евра „во воздух“, тоа се средства коишто не завршија кај граѓаните, а ова се средства со кои што ја донесовме прославата пред граѓаните. Овие средства се потрошија за еден целосен проект од кој се виде резултатот за граѓаните“, изјави владината портпаролка Марија Митевска.

На денешната прес-конференција посветена на прашањето кое предизвика голем интерес во јавноста, генералниот директор на „Државна лотарија“, Александар Климовски објасни дека иако се работи за државна компанија, парите за јубилејот не се буџетски, туку пари на компанијата.

„Ова спонзорство е дадено според Законот за спонзорства и донации, а не по Законот за јавни набавки. Имено, станува збор за средства од 300 милиони денари, коишто беа на ставката нераспределеан добивка и беа компаниски пари. Значи, тие се пари на самата компанија, а компанијата е посебен правен субјект, издвоен од субјетивитетот на владата. Значи, тие пари не се буџетски пари. Буџетски пари стануваат во оној момент кога друштвото таа нераспределена добивка ќе ја утврди во финансиските извештаи како дивиденда и ќе дадат налог да се уплати на трезорската сметка. Дури во тој момент добиваат статус на буџетски пари. Дотогаш тие се корпоративни пари“, рече Климовски.

Сепак Државна лотарија и да сакала, не можела да го одбие записникот на Влада со кој се обврзува да спроведе ваков проект, бидејќи нејзин акционер е токму државата.

Врз основа на вака донесените заклучоци, Државната лотарија носи одлука за формирање на комисија за спроведување на постапка по јавен повик. Во јавниот повик биле утврдени условите кои понудувачот треба да ги исполнува за организирање на ваква програма. По пет дена колку што траел рокот за пријавување, пристигнала само една понуда, таа на „Стардаст“ ДООЕЛ Скопје, односно субјектот преку кој во конкретната постапка настапува „Авалон Интернешнл Букинг.

Од Владата објаснија дека „Авалон Интернешнл Букинг“ е трговска марка под која е препознатлива дејноста, додека „Стардаст“ ДООЕЛ Скопје е правниот субјект кој е носител на таа дејност и на кој е пренесен трговскиот знак.

„Значи, не станува збор за две независни компании кои се појавуваат како различни понудувачи, туку за правниот субјект кој ја носи понудата и брендот под кој јавноста ја препознава работата на оваа дејност“, рече Митева.

Прашањето „Колку чини организацијата на концертите поврзани со прославата на 35 години независност“? беше отворено поставувано и на прес- конференциите и до Владата, но од таму велеа дека остануваат транспарентни и отчетни пред граѓаните.

Ден пред концертот на Гета, ова новинарско прашање го налути директорот на Авалон, па на новинарката, наместо одговор дрско и одговори со прашање: „Дали ти изгледам јас ко идиот?“

Милошески прашањето го оцени како провокација, која според него е непотребна бидејќи, како што додаде, повеќе пати било кажано кога ќе биде објавена финансиската конструкција за овогодишната прослава на Денот на независноста.

По бурните реакции во јавноста, на денешната прес конференција Милошоски и се извини на новинарката за неговата реакција кон легитимно поставено новинарско прашање, правдајќи го неговиот однос со умор и стрес.

Инаку концертот на Дејвид Гета на 8 септември во Скопје беше најавен како кулминација на програмата за одбележување на 35 години независност на Македонија. Настанот го организираа Владата и „Авалон продукција“, а влезниците беа симболични – 35 денари. Покрај Гета, прославата опфати и низа концерти и културни настани низ државата, кои се одржаа во периодот од 2 август до 8 септември. 

Програмата опфати повеќенеделен караван со концерти и културни настани низ земјата. Еден од најзначајните концерти беше на оперската ѕвезда Хозе Карерас со македонските ол-старс. Со него настапија Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Ана Дурловски, Игор Дурловски, Дешира Амети-Крлиу, Наум Петрески, Сузана Спасовска, Маја Оџаклиевска и Миле Кузмановски, заедно со Македонската филхармонија. Меѓу најголемите музички имиња беа и Стив Аоки,  Пол ван Дајк и Пол Оукенфолд, а финалето беше обезбедено за музичкиот перформанс на Дејвид Гета.

Последни објави