(ВИДЕО) Дејвид Гета: Ова беше лудо, благодарам Македонија

Објавено:

Светски познатиот диџеј Дејвид Гета објави видео од настапот во Скопје споделувајќи ги своите импресии.

„Ова беше толку лудо“, вели тој во видеото и продолжува:

„Убав, фин вторник, со неколку пријатели. 50 000 луѓе! Тоа е лудо“.

Понатаму, Гета споделува и сегмент од неговото обраќање кон публиката на стадионот велејќи дека не знаел што да очекува кога доаѓал во Македонија и ни можел да замисли дека ќе „толку убаво ќе си помине“.

„Каква неверојатна вечер!!! Заедно го направивме ова најголемиот настап на некој меѓународен изведувач во земјата. Ви благодарам од срце на сите“, пишува Гета во описот на видеото кое завршува со пораката „Благодарам Македонија“.

Настапот на Дејвид Гета на 8 септември на националниот стадион во Скопје беше по повод 35 години од независноста на Македонија.

Тоа беше кулминација на околу едномесечната прослава која со низа концерти на бројни македонски изведувачи опфати повеќе градови во земјава.

Организатор на настаните за прославата на 35 години независност беше Авалон Продукција.

Сепак, и ова не помина под радарот на политичките пресметки. Опозицијата и дел од јавноста негодуваат околу тоа колку била транспарентно организирана прославата, парите што се потрошиле и изборот на организаторот.

Власта, пак, убедува дека не се потрошени пари од државниот буџет туку дека за тоа биле искористени пари од добивката што ја имало акционерското друштво Државна лотарија во 2024 година.

Како што беше објавено од владата, по завршувањето на прославата, вкупната потрошена сума за настаните била 340 милиони денари. Од нив, 300 биле од Државна лотарија, а околу 40 милиони од „општествено одговорни компании“.

Според тврдењата од Илинденска бр. 2, Владата ѝ наложила на Државна лотарија да ги обезбеди парите за прославата од добивката што ја имала оваа држава компанија во 2024 година, како и да објави јавен повик за прибирање понуди за реализација на настаните.

И од Владата и од Државна лотарија убедуваа дека тоа всушност не се државни туку пари на компанијата.

Опозицијата, пак, обвинува дека власта манипулира и оти тоа се државни пари со оглед дека се во сопственост на државно акционерско друштво. СДСМ бара одговори кои компании добиле пари и врз основа на кои критериуми, кога точно е букиран Дејвид Гета ако неговиот настап беше објавен само три дена откако завршил јавниот повик за избор на организатор на прославата изразувајќи сомнеж дека се било однапред договорено.

Последни објави