Гет-а-позитив!

Објавено:

Помина прославата на независноста, помина и фамозниот настап на Дејвид Гета, поминаа и идиоти и злоупотреби и среќни и несреќни фаци, поминаа и лаги и вистини, а нам ни остана реалноста…

Реалноста дека сме талогот на Европа и светот, реалноста дека дури 74% од штотуку запишаните средношколци се функционално неписмени, реалноста дека криминалците секојдневно се ослободуваат во сомнителни судски постапки, дека патишта градиме по 30 години, неаме пруга и воз, институциите ни скапуваат во мувла и се греат на „факинг“ јаглен, некомпетентни партијаши седат во фотеља и прават штета… ама па кој ја „тркала“ реалноста!?

Таа е само извор на негативна енергија во нашиот имагинарен прогрес, добробит и благосостојба!

Пак некако негативно го почнав текстов, а не ми беше тоа идејата.

За настапот на Гета и генерално за прославата на 35 години независност, пишував и пред неколку недели (можеби месеци), кога одненадеж на прес-конференција дознавме дека Владата си одредила приватен субјект да го реализира настанот и на истиот му доделила одредена сума пари. Во тој момент се беше некако во тајна, како да не сакаа да кажат, како да матеа нешто…

Но, еве по завршувањето на настанот се решија на транспарентност и отчетност, и по таа нова прес-конференција се некако стана поотворено, разбирливо, појасно.

Владата и организаторот… извинете… Владата, организаторот и финансиерот решија одлучно да излезат пред јавноста и јавно да обзнанат како смислиле законска шема за да „си поиграат“ со 5,5 милиони евра пари на граѓаните, кои уствари не биле од буџетот на државата, него од буџетот на државна фирма, основана со стопроцентен државен капитал, која својот нераспределен приход од 2024 година го пренаменила за оваа прослава, секако со одлука на Владата.

Браво! Секоја чест! Не, не, не… не е ова искажано иронично. Напротив! Очигледно Владата најде модус како да ја финансира културата и тоа е за поздрав, огромен поздрав!

Е, ајде сега да се осврнеме на позитивната поука од оваа одлука.

Ајде да видиме по овој модел, што се може да направи власта, за во годините кои следат да процветаме во полето на културата, образованието и уметноста, да ги искултивизираме и образуваме новите генерации и конечно да не се брукаме на разни ПИСА листи, Болоњски процеси и други „небитни“ рангирања од областа на едукацијата.

Чунки… ако има квалитетна култура во континуитет и ако таа е достапна до подмладокот, истиот ќе се едуцира, создаде критичка мисла, едноставно ќе стане попаметен, зар не?

Па, еве го и предлогот до Владата, уште на следна седница да направи план и да изгласа дивидендата од Лотарија (во претпоставена вредност од 5 милиони евра годишно) и во следната година да се насочи во култура. Зашто да не?

За тие 5 милиони евра, за само една година може да се исфинансираат следниве активности и инфраструктурни потфати (сумите се приближни, апроксимативни, но прилично реални):

  • -50 музички изданија, албуми (2000 евра по издание)
  • -50 книги од домашни автори (1500 евра по издание)
  • -50 изложби (2000 евра по изложба)
  • -10 театарски претстави од независна сцена (со пристоен буџет од 20.000 евра по претстава)
  • -2 филма (со пристоен буџет од по 500.000 евра)
  • -Да се обнови техничката опрема (светло, звук, видео) во 5 театри или културни центри (цирка 100.000 евра по институција)
  • -Да се набават нови ДЦП проектори во двете најрепрезентативни државни кино сали – кино Милениум и Центар за култура Битола (100.000 евра по проектор)
  • -Да се набави нова, модерна машина и да се реновира единствениот планетариум кој го имаме во државава, планетариумот во МКЦ (450.000 евра)
  • -Театарските фестивали да добијат дополнителна поддршка од 500.000 евра, распределена согласно квалитетот и успешноста
  • -Филмските фестивали да добијат дополнителна поддршка од 500.000 евра, распределена согласно квалитетот и успешноста
  • -Музичките фестивали да добијат дополнителна поддршка од 500.000 евра, распределена согласно квалитетот и успешноста
  • -Да се финансираат 30 концерти на македонски изведувачи и бендови, дома и во странство (околу 100.000 евра)

…да се зголеми програмскиот буџет на државните театри, филхармонија, МОБ… да се вложи во заштита на културно наследство, археолошки ископувања…

И повторно не успеав да стигнам до 5,5 милиони!

Еве од милионов што ми остана стајте и соларни панели во културните установи, сменете ги системите за греење со јаглен и други отрови во училиштата, попрајте и некој тоалет.

Е сеа замислете вака во континуитет, следните 4-5 години државата да ја вложува лотариската дивиденда во зајакнување на културата и културната инфраструктура.

Замислете скромниот буџет кој секоја година несреќно го распределува Министерството за култура да се појача со квалитетно распределена дивиденда од Државната лотарија.

Мултиплицирајте ги бројките кои ги напишав погоре и ќе сфатите дека за само 4 години ќе бидеме побогати за 200 книги, 200 плочи, 200 изложби, 40 претстави, 8 филма, ќе ја обновиме техничката опрема на речиси сите културни институции во државата, а фестивалите ќе добијат буџет кој барем приближно ќе парира на регионалните еквиваленти.

И тогаш, ќе добиеме едуцирана младина, која нема да го чека Гета, да дојде еднаш во 10 години, туку ќе има можност секоја недела, во пристоен, нормално опремен простор да одгледа концерт, претстава, филм, изложба… да си го направи животот квалитетен, забавен и комплетен, а притоа да слушне, види и научи нешто ново, нешто што ќе не помрдне од мизерното дно на листите за оценување на знаењето и писменоста.

Па којзнае, можеби и ќе задржиме некоја генерација деца, може ќе им се допадне, па нема да спакуваат куфери и да бараат некоја „понормална“ земја.

Како што изјави директорот на Лотарија „Нераспределената добивка се компаниски пари, а буџетски стануваат кога управните органи ќе дадат налог да се уплатат во буџетот.“

Е па време е за нов налог на управните органи. Покажавте дека е изводливо и лесно, време е да кренете рака повторно. Време е нераспределената добивка од комар, да стане државен бенефит за граѓаните.

За наше добро!

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.

Последни објави