(Или)Јада… (Оди)сеја… (некој)Фест…

Објавено:

Во екот на летните дешавки во севернава државичка, преовладуваат општински собиранки кои се пласираат како „културно лето“ илити определени питијади, пифтијади, пивофестови, зелкаријади и останати „булшит“ констелации со кои може да се оправда трошењето пари од локален (читај и државен) буџет за настани кои ќе поддржат промоција на шунд култура. И сето тоа под закрила на мотото „промовираме културни настани“ и „тоа ќе привлече туристи“, празноглави флоскули на локалните власти и градоначалници.

Не дека не сме се соочиле со глупи културни политики на локални моќници изминативе години, напротив, сме ги преболеле и прележале ко овча сипаница, но феноменот на повторлив дебилизам кај „народните“ власти е подосаден од чешање на убод на комарец во август, подосаден од партиски ветувања во кампања, подосаден од желба за успешен концерт на Боко тринаеска…

Одисејата не почнува денес… проблемот е континуиран…проблемот е дел од нашето транзициско живеење… проблемот е дел од сељачизмот кој е поставен да ги менаџира нашите општини и институции.

Тој (проблемот) не реферира на колективната естететика, не реферира на повисок степен на едукација, не реферира со желба општеството да се надгради со прогресивен „апгрејд“, да се донесат квалитетни имиња кои ќе ја збогатат културната понуда…. туку реферира со желба на сопругата, ќерката, балдската, синот, кумашинот на градоначалникот, да им се исполни желбата, некоја за нив „најбољи певаљка у свету“ да настапи на нивниот градски плоштад!

Така и бива! Земете ги сите манифестации кои лепат логоа на општината, а понекогаш и министерство за култура, а во исто време како супер-ѕвезда на вечерта ги најавуваат Џенан Лончаревиќ, Машинка Лукиќ, Ѓергана…

И сѐ под превезот „Тие ќе донесат туристи!“…, примитивен став на уште попримитивни локални шерифи и покондурени сељаци на власт на кои врвно кариерно достигнување им е да се фотографираат со Цеца, Северина, Карлеуша, Саша Ковачевиќ… или остали отпад од балканските реалити-шоуа.

Тоа се тие, непристојни и неспособни фаци, кои под маската на својот урбан градски стил на модерен грдоначалник, ги кријат своите комплекси на провинциски чобан, а својата аѓутантска моќ ја користат за исполнување на фамилијарни желби на блиски компањони чиј IQ не се искачува многу над собна температура во селска камена куќа.

Тоа е тоа што цеди милиони евра од од државниот буџет за култура, а ние го голтаме како сладолед на стапче у лето. Тоа е причината зашто годинава во Штип нема изложба, во Тетово нема претстава, а Охрид нема да види филмска проекција…

Ама тоа е тоа… народот сака… градоначалникот исполнува… министерството спие и поддржува…

А дали е стварно така? Дали ја изгубивме битката? Дали сељачизмот надвладеа?

Тврдам дека НЕ! Убеден сум дека НЕ!

Тоа е само конструкција која сакаат да ја прикажат.

Тоа е конструкција која им одговара.

Тоа е она што тие го сакаат.

Тоа е она што тие сакаат да ви пласираат дека вие го сакате.

А што ако…

Овие 100-тици илјади евра во текот на годината, овие „загрижени“ градски власти и оние полуписмени комисиски членови во министерство за култура, ги распределат во реални проекти од значење за државата и општините…

…доколку секој месец во секоја општина гледаме концерт на светски познат или непознат квалитетен бенд, домашен бенд кој ги пробива стандардите, алтернативна претстава или изложба на уметник кој има уникатен стил…

….што ако имаме млади луѓе кои ќе изградат свое мислење и стандарди…

…што ако луѓето, преку уметноста се спознаат со своите права и можности…

…што ако пробаат да се борат со конвенциониот сељачизам, кој не’ копа во калта со години…

…што ако напредуваме, а овие партијаши и нивните фамилијаши не се снајдат баш најдобро…

…а што ако….а што ако…

Нема што! Така би било боље! Секако дека би било боље и нема дилема!

Но, ние сме тука мањина за да раскажуваме приказни и одлучиме… кој смее да му каже на Кметот дека греши!?

Затоа се тука овие што ги гласало граѓанство… Они се тука да ни кажат дека нивната е последна…

Затоа го спуштаат нивото на степен кој го познаваат.

Затоа старлети, просечни политичари и идоти без два грама мозок и втор спрат образование се лидери и промотери на животни навики.

Затоа потпросечно квалификуван кадар е медиумски застапен и се претставува како експерт во областа.

Затоа општествени одлуки носат луѓе чиј кредибилит е понизок од кредибилитетот на македонски пратеник.

Затоа… Затоа…

Уште милион „затоа“ би можел да напишам, но и милион „што ако“, само би сакал во иднина ова „што ако“, го надваладее тоа надмено „Затоа“.

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.