„Одисеја“ на Кристофер Нолан. Колумна во обид на рецензија.

Објавено:

Изгледа дека филмот „Одисеја“ на режисерот Кристофер Нолан ќе стане неговиот комерцијално најуспешен филм. За само 12 дена продажбата на билети надмина 700 милиони американски долари, додека буџетот на филмот изнесува 250 милиони. Доколку продолжи сегашниот тренд, филмот ќе надмине една милијарда.

Неделава бев на кино во соседниот ми Самервил и го гледав филмот.

Ќе почнам со добрите работи. Иако трае скоро 3 часа, во ниту еден момент не ми беше досадно. Динамиката на дејството беше пригодна и вешто го задржуваше вниманието на публиката. Аудио-визуелните ефекти беа одлични и го комплементираа заплетот. Приказната што одново и одново ја слушаме беше прикажана на големото платно.

Сепак, сметам дека заслугата за силните страни на овој филм—исклучувајќи ја технологијата—му припаѓаат повеќе на Хомер одошто на Нолан. Ми се чини дека Калиопа подолго го посетила првиот. Што и да направи човек, Одисејата веројатно не може да испадне досадна.

Кастингот изобилува со најпознатите актерски имиња: Мет Дејмон, Ен Хатавеј, Том Холанд, Шарлиз Терон, Роберт Петинсон и Зендеја. Ваквиот избор, иако билети продава, го оценувам како неуспешен. Глумата беше неемотивна, бледа и мека. Терон како Калипсо веројатно беше најдобра, но Телемах на Холанд е големо промашување. Како да му било кажано да игра доенче.

Сценариото најблаго кажано беше чудно. Во еден момент Дејмон говори за пропаста на старогрчката цивилизација, за веќе во другиот Холанд да ја праша Хатавеј на најколоквијален англиски нешто во стилот на: Mum, why isn’t Dad home yet? Значи, текстот не е најсилната особина на филмов, што покажува дека без разлика на технолошкиот напредок и на големите буџети, зборовите продолжуваат да ја играат можеби најважната улога во седмата уметност.

Двете најголеми критики ги чувам за крај. Во епот боговите се сеприсутни и значајно влијаат на настаните. Во филмот на Нолан нив ги немаше освен Атена која само Одисеј можеше да ја види и чуе. Не беше докрај јасно зошто протагонистот е миленик токму на оваа божица. Останатите богови филмот ги пресели на небото отаде Олимп оставајќи ги смртниците проклето сами. Донекаде разбирам: и Хомер и Нолан творат за мошне различна публика.

Она што не можам никако да го разберам е како публиката не запозна ниту еден Тројанец. Жителите на Илиј останаа безимени, а и буквално обезличени. Никогаш не ги видовме ахајските непријатели; не очовекувајќи ги, Нолан ја лиши публиката од приликата емоционално да се идентификува со Тројанците, да ја подели нивната болка и да го компликува главниот лик.

Француската филозофина Симон Веј во нејзиниот есеј „Илијада или песна за силата“ пишува: „Вистинскиот јунак, вистинската тема, средиштето на Илијада, е силата. Силата со која луѓето се служат, силата што ги покорува, силата под која човечкото тело се згрчува. Човековата душа во Илијада постојано се покажува како преобразена во односите со силата: повлечена, заслепена од силата со која е уверена дека располага, свиена под принуда на онаа заради којашто страда. […] Од кој и да е што ѝ е потчинет, силата умее да направи мртов предмет. Кога се спроведува до крајни граници, човекот во најбуквална смисла го сведува на предмет, бидејќи го претвора во леш. Постоел некој, а момент подоцна, веќе го нема“ (превод на Наташа Атанасова).

Понатаму, Веј прашува: „Што му значи Елена на Одисеј? Што му значи дури и Троја, полна со богатства што нема да ја заменат напуштената Итака? Троја и Елена значат нешто само како причина за грчките крв и солзи. Ако со нив се загосподари, тогаш може да се загосподари со ужасните спомени. Душата што постоењето на непријателите ја присилило во себе да го уништи она што природата ѝ го всадила, верува дека е во можност да се излечи само со уништувањето на непријателот.“

Иако Веј пишува за Илијадата, ова ми недостасуваше во филмот. Можноста да се почувствува другиот како свој, како човек, како душа иста како сопствената. Наместо тоа Нолан ни претстави главен лик малтене суперхерој од универзумот на Марвел. Ефектот на оваа авторска постапка стана видлив во кино-салата: публиката навиваше и гласно се смееше кога маскираниот Одисеј го закла човекот што додворувачите го беа пратиле да го убие Телемах. И на ред други места кога добриот дечко ги косеше лошите.

Нолан редовно си игра со хронологијата и правилата на времето. Топењето на хроносот, односно одењето напред-назад беше употребено како техника и тука. Ох, каква е таа пропуштена шанса да се прикаже човекот што го надитрил и големиот Одисеј! Пред да почне Тројанската војна, Одисеј, не сакајќи да ги напушти Пенелопа и тукушто родениот Телемах, решил да се прави луд, та зел да ги ора нивите сеејќи сол. Паламед го фрла бебето Телемах пред воловите и Одисеј веднаш сопира, покажувајќи дека не е луд. Така тој појдува за Троја. Оваа приказна е изоставена, но режисерот не заборава да ја потсети публиката одново и одново дека Антиној, главниот додворувач на Пенелопа, ја избегнал мобилизацијата. Наместо да се приближат спротивставените ликови, филмот ни дава еден страшливец и еден јунак.

Запознавајќи се со тројанскиот циклус митови уште како дете морам да признаам дека отсекогаш тежнеев кон страната на Тројанците, што поради тоа што оваа страна ја има принцезата и пророчица Касандра, што поради врската меѓу овој град и Арм’ните (читајте го Вергилиј). Можеби затоа не можам да го простам тоа што немаат никаква улога ниту пак влијание во филмов. И тоа во волку поделени времиња како сегашниве.

Британско-американската класичарка Емили Вилсон, чијшто осовременувачки препев на Одисејата ја брануваше јавноста поради својот радикално модерен стил, но и беше користен од Нолан за потребите на сценариото, сурово го критикуваше филмот во својата рецензија.

Нејзината критика пак беше критикувана бидејќи, имено, не требало да се критикува даден филм поради неговата визија, аргументи или тоа што го изостава, туку поединечните елементи требало да се оценуваат дали и како се вградуваат во филмот како кохерентна целина.

На ваквите ќе им порачам да се сетат на Аристотеловата Политика: „Гостинот подобро ќе ја оцени гозбата отколку готвачот“ (III.11).

За крај, најдобриот резултат на филмот е зголемениот интерес на јавноста за Хомеровите епови и нови генерации посегнат да ги прочитаат. Книжарниците ширум светот ја бележат побарувачката, а издавачката куќа „Полица“ годинава го реиздаде извонредниот препев на академик Михаил Петрушевски на обата епа. Српски „Вулкан“ истото го стори лани со препевот на Милош Ѓуриќ. И Калиопа и Клио.

Колумнава ѝ ја посветувам на професорката Душанка Младеновиќ.

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.