Болестите Хепатит А и Е засега не се причина за тревога кај жителите на Гостивар кои пиеле загадена вода. Ако во наредните 15 до 30 дена се појават карактеристични симптоми, дури тогаш ќе треба да се тестираат, вели инфектологот д-р Жаклина Шопова, супспецијалист за цревни инфекции
Жолти очи и кожа, повраќање, темна урина, силен замор и губење апетит се симптоми кои би можеле да укажуваат на хепатит А или хепатит Е во наредите две до четири недели кај пациентите кои биле заразени со користењето на фекалното загадување на гостиварската градска вода. Но, тие инфекции во моментов не се потврдени кај граѓаните кои се разболеа по користење на загадената вода во Гостивар, доколку се појават симптоми, тогаш ќе треба тие луѓе да се тестираат, вели инфектологот д-р Жаклина Шопова, супспецијалист за цревни инфекции.
Според неа, кај најголемиот број пациенти се забележува полесна клиничка слика, а симптомите најчесто се поврзани со акутни цревни инфекции предизвикани од вируси или бактерии.
„Развојот на симптомите е речиси идентичен кај различните можни причинители. Тоа можат да бидат вируси, бактерии, но и вируси кои го напаѓаат црниот дроб, како хепатит А и хепатит Е“, објаснува Шопова.
Најчестите симптоми кај заразените се повраќање, стомачни болки, мачнина и појава на течни столици. Кај дел од пациентите може да има и покачена температура и губење течности, поради што најважна е надокнадата на вода и електролити.
„Сите овие цревни инфекции, без разлика дали се предизвикани од вируси или бактерии, во најголем број случаи се самоограничувачки. Тоа значи дека организмот сам се бори против нив“, вели инфектологот.
Лесна храна и пробиотици наместо антибиотици
За пациентите кои се лекуваат дома, препораката е да продолжат да користат исклучиво безбедна, флаширана вода и да избегнуваат користење на водата од водоводот сè додека надлежните институции не дадат официјална потврда дека е исправна.
Во исхраната се препорачуваат лесни намирници како варен компир, варен ориз, бистри супи, банана, печена јаболка.
„Терапијата е симптоматска. Важно е внесување течности и пробиотици. Пациентите не треба сами да посегнуваат по антибиотици, бидејќи во најголем број случаи тие не се потребни. Само лекар може да процени кога има индикација за антибиотска терапија, особено кај ризични пациенти“, предупредува Шопова.
Хепатит А и Е не се причина за масовно тестирање
По појавата на епидемија предизвикана од загадена вода, здравствените работници секогаш размислуваат и за можноста од појава на хепатит А и Е, бидејќи и тие можат да се пренесат преку загадена вода. Но, според Шопова, нема потреба граѓаните веднаш да се тестираат без симптоми.
„Не треба секој пациент со цревни симптоми веднаш да се тестира за хепатит А или Е. Доколку по одреден период се појават симптоми кои наликуваат на овие заболувања, тогаш преку епидемиолошката анкета лекарот ќе одлучи дали е потребно тестирање“, вели таа.
Хепатит А и Е имаат подолг инкубациски период, односно симптомите не се појавуваат веднаш по заразувањето, поради што здравствените власти ги следат како можна последица од вакви епидемиолошки ситуации.
Нема докази дека загадената вода остава трајни последици
Ваквата изјава следува откако во јавноста неколку лекари споделија вознемирувачки коментари дека заболените гостиварци може да развијат хронични цревни болести по епидемијата која настана во Гостивар со користењето на загадена вода. Поводот беше резултатите кои ги објави Обвинителството од Институтот за јавно здравје според кои во гостиварската градска вода се пронајдени колиформни бактерии кои најчесто живеат во цревата на луѓето и топлокрвните животни.
Шопова ги отфрла тврдењата дека акутните цревни инфекции по загадена вода нужно оставаат трајни оштетувања на организмот, како хронични воспаленија или трајно нарушување на цревната флора.
„Секоја година имаме мали епидемии од труење со храна и цревни инфекции. Пациентите се третираат амбулантски или болнички зависно од состојбата, но тоа не значи дека тие развиваат хронични заболувања“, вели таа.
Според неа, причинителите на овие инфекции вообичаено не остануваат долго во организмот.
„Не треба граѓаните да се плашат дека од ова веднаш ќе настане хронично заболување. Во моментот тоа не е нешто што треба да предизвикува страв, бидејќи најголем дел од овие инфекции се самоограничувачки“, додава Шопова.
Забраната за користење на водата од гостиварскиот водоснабдителен систем и натаму е во сила.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, изјави дека сите објекти во кои се подготвува и служи храна и пијалаци, како и другите јавни установи, мора да обезбедат техничка вода за непречено функционирање. Во спротивно, најави Миланов, ќе следуваат соодветни санкции.
Министерот за здравство Сашо Клековски соопшти дека продолжува трендот на намалување на бројот на новопрегледани пациенти во Гостивар, односно лица кои за првпат побарале лекарска помош поради симптоми на гастроентеритис.
Според податоците од јавните здравствени установи, во текот на вчерашниот ден (20 јули) во Општата болница Гостивар биле извршени вкупно 183 прегледи, додека во здравствениот дом Гостивар, пак, биле евидентирани 110 прегледи, како и 25 повици до Итната медицинска помош.


