Додека гостиварци за дијареата и стомачните тегоби спас бараа кај лекарите, не знаејќи дека водата е проблем, ЈП „Комуналец“ веќе се подготвувал за интервенција. Само еден ден пред обвинителството да побара примероци од водата поради сомневања за загадување, претпријатието објавило огласи за две итни активности поврзани со водоснабдителниот систем – набавка на хлор и вонредна анализа на водата.
Хронологијата на документите отвора нови прашања за тоа кога институциите првпат добиле сигнал дека нешто не е во ред.
Според официјално споделените информации од директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска, обвинителството на 16 јули во попладневните часови побарале од нив да земат примероци од наводно загадената вода.
Првите симптоми на труење кај дел од граѓаните биле забелажани на 13 јули, рече министерот за здравство Сашо Клековскиво интервју за ТВ Сител. Тој на вчерашната прес конференција соопшти дека веќе на 14 јули гостиварските лекари прегледале 360 пациенти со стомачни тегоби.
Документите објавени на Бирото за јавни набавки покажуваат дека на 15 јули, гостиварското јавно претпријатие „Комуналец“ објавило оглас за јавна набавка на гасен хлор. Тоа е хлор во гасовита форма (Cl₂) кој се користи најчесто за дезинфекција на вода – за уништување бактерии, вируси и други микроорганизми во системите за водоснабдување. Според огласот кој се уште е активен, се бара набавка на 3,6 тони хлор.
Хлорот е редовен потрошен материјал во секој водовод, но во овој контекст, сомнежи отвораат и резултатите од испитувањето на примероците од водата што ги објави вчера Обвинителството.
„Дополнително анализиран е примерок земен од чешма на Ул. ЈНА во Гостивар каде е констатирано дека во водата има високо присуство на хлор и тоа концентрација на резидуален хлор од 1,1 мг/л кој претставува отстапување од максимално дозволената вредност според важечкиот правилник каде е опишан оспег од 0.2 до 0.3 мг/л но не повеќе од 0.5 мг/л“, се вели во соопштението на Обвиниотелство повикувајќи се на анализите на Институтот за јавно здравје.
Минатогодишниот тендер за набавка на хлор бил спроведен во август со важност од една година и набавка на 3,6 тони хлор во вредност од 11 илјади евра. Според документот објавен на Бирото за јавни набавки, додека е објавен овој оглас, во важност е уште договорот склучен минатата ходина.
Датумите отвораат дилема дали надлежните преземале мерки уште пред официјалното откривање на загадувањето. Вториот документ објавен на Бирото за јавни набавки покажува дека јавното претпријатие на 16 јули (денот кога беше направен увидот на лице место) објавило втор оглас со кој се бара дополнителни анализи на квалитет на вода.

Станува збор за една основна анализа, една вонредна и една периодична проширена анализа на водата. Огласот за јавната набавка е активен до 23 јули. Датумот на објавениот оглас на 16 јули се поклопува со увидот на терен на Обвинителството кое на тој ден утврдиле дека две од три поставени пумпи и натаму работат.
На брифингот со новинари во гостиварското обвинителство, обвинителите кои работат на случајот велат дека допрва ќе ја проверуваат сета документацијата, додавајќи дека можеби овие набавки се однесуваат и на редовното работење на претпријатието.
Во вчерашното соопштение на Обвинителството беше посочено дека тројца вработени во „Комуналец” – в.д. директорката, техничкиот раководител и раководителот на водоводниот сектор на 25 јуни им наредиле на вработените да се стават пумпи во тој истиот загаден канал, за да “тестираат притисок”. Проблемот е што при контрола три недели подоцна, пумпите сè уште работеле и си ја препумпувале загадената вода директно во системот за пиење на градот.
„На 16 јули, при извршен увид на лице место, констатирано е дека две од потопните пумпи се уште биле во употреба и преку потисни црева поставени низ преливниот отвор ја пренесувале водата со штетна материја-колиформни бактерии од отворен систем – канал во комората каде се наоѓа вода од системот за пиење со определен дефиниран квалитет во затворен систем“, се вели во соопштението.
Директорката на „Комуналец“, Асани, набрзо откако се дозна во јавноста дека пумпи се можен причинител на загадувањето на водата, во изјави за неколку медиуми тврдеше дека зголемениот број на заболени лица во Гостивар не е поради загадената вода. Таа ги негираше сомнежите на надлежните институции кои ја забранија водата за пиење во Гостивар поради сомневање дека е загадена и е извор на епидемијата која се шири во градот. Асани велеше дека „меѓу заболените има и лица кои пиеле само флаширана вода“ и според неа причина за заболувањата граѓаните можеби била храната што ја јаделе или високите температури.
Засега нема потврда дека овие набавки се директно поврзани со проблемот, но датумите се поклопуваат и отвораат сомнежи. Во тек е брифинг на Обвинителството од каде се очекуваат дополнителни информации.


