Три недели пумпи внесувале вода со 48 пати повеќе бактерии од дозволеното во гостиварскиот водовод

Објавено:

Вкупно 48 пати над дозволеното се пронајдени бактерии во гостиварска градска вода. Ова е дел од резултатите од примероците што ги анализираше Институтот за јавно здравје од водоводниот систем во Гостивар. Тие се и причината за покренување на истрага против три раководни лица во јавното претпријатие „Комуналец“ – Гостивар за загадување на водата.

По целодневниот „пинг – понг натпревар “ меѓу централната власт и обвинителството кој треба да ги објави резултатите од испитувањето на Институтот за јавно здравје за здравствената криза во Гостивар, Основно обвинителство соопшти дел од нив како основан сомнеж за кривично тело “тешки дела против животната средина“.

Анализите покажаа дека водата земена од каналот со површинска вода содржат екстремно повеќе бактерии од дозволеното, и тоа 2.419,6 бактерии на секои 100 мл ( мала чаша со вода), наспроти дозволени 50. Тоа е 48 пати над границата. Институтот вели дека оваа вода воопшто не смее да се користи за ништо. Станува збор за колиформни бактерии кои најчесто живеат во цревата на луѓето и топлокрвните животни, и нивни претставник е Ешерихиа коли (Escherichia coli).

Резултатот од примерокот од изворот што ја снабдува чешмите, односно водата за пиење дозволена граница за колиформни бактерии е нула, без исклучок. А во примерокот се пронајдени 39 бактерии. Со други зборови, водата што требало да биде стерилна – не била.

За разлика од овие два, во примерокот земен од чешмата на ул. ЈНА Институтот забележал поинаков наод, а тоа е премногу хлор. Измерени се 1,1 мг/л, а дозволено е максимум 0,5 мг/л. Според лаичкото толкување на овој резултат, личи како некој да се обидувал да “гаси пожар” со хлор откако веќе имало проблем.

Голем број на лекари во текот на денот, објаснија на социјалните мрежи и на гостувања на македонските телевизии дека присуството на колиформните бактерии е како црвен аларм. Тоа значи дека во водата влегла нечистотија, најчесто поврзана со фекалии или отпадна вода. А таму каде има колиформни бактерии, потенцијално може да има и вистински опасни бактерии или вируси.

Министерот за здравство Сашо Клековски соопшти дека вкупно 3100 луѓе во изминативе пет дена побарале лекарска помош поради стомачни тегоби предизвикани од загадената вода. Четири лица беа хоспитализирани, но веќе се пуштени на домашно лекување.

Како дошло до ова

Според обвинителството, тројца вработени во „Комуналец” – в.д. директорката, техничкиот раководител и раководителот на водоводниот сектор на 25 јуни им наредиле на вработените да се стават пумпи во тој истиот загаден канал, за да “тестираат притисок”. Проблемот е што при контрола три недели подоцна, пумпите сè уште работеле и си ја препумпувале загадената вода директно во системот за пиење на градот.

„На 16 јули, при извршен увид на лице место, констатирано е дека две од потопните пумпи се уште биле во употреба и преку потисни црева поставени низ преливниот отвор ја пренесувале водата со штетна материја-колиформни бактерии од отворен систем – канал во комората каде се наоѓа вода од системот за пиење со определен дефиниран квалитет во затворен систем“, се вели во соопштението.

Тројцата се осомничени за тешки дела против животната средина и природата, односно за загадување на вода за пиење.

„Имајќи предвид дека настанатите промени од загадувањето не можат лесно да се отстранат, јавниот обвинител оцени дека се исполнети обележјата кои даваат основано сомнение дека е сторено наведеното кривично дело“, објаснуваат од Обвинителството.

Осомничените се приведени и во текот на утрешниот ден јавен обвинител ќе одлучи дали и какви мерки за нивно обезбедување ќе предложи на судот. Приведени се директорката на гостиварското јавно претпријатие „Комуналец“, Артана Асани, и двајца нејзини соработници, техничкиот директор Леон Нуредини и раководителот на Водоводот, Вадедин Дервиши.

Директорката на „Комуналец“, Асани, набрзо откако се дозна во јавноста дека пумпи се можен причинител на загадувањето на водата, во изјави за само неколку медиуми, тврдеше дека зголемениот број на заболени лица во Гостивар не е поради загадената вода. Таа ги негираше сомнежите на надлежните институции кои ја забранија водата за пиење во Гостивар поради сомневање дека е загадена и е извор на епидемијата која се шири во градот. Асани велеше дека „меѓу заболените има и лица кои пиеле само флаширана вода“ и според неа причина за заболувањата граѓаните можеби била храната што ја јаделе или високите температури.